Жирито на јубилејното 50-то издание на Драмскиот аматерски фестивал што се одржа од 26 до 31 мај во Кочани додели две награди на претставата „Мачка на вжештениот ламаринен покрив“ во изведба на ученици од Гимназијата „Св. Климент Охридски“ од Охрид.
Специјално признание доби Емилија Колоска за музичка контрибуција во претставата, додека Ева Каланоска ја освои наградата за најдобра женска споредна улога за толкувањето на ликот на Моли Полит во претставата, соопшти фестивалот.
„Мачка на вжештениот ламаринен покрив“ од Тенеси Вилијамс ја режираше професорката по Македонски јазик Ирена Бачиќ, која, како што забележува фестивалската критика, внесе иновативни новини во претставата која е инспирирана од филмот во кој настапуваат легендарните Пол Њумен и Елизабет Тејлор.
„Приказната е препознатлива повеќе по филмот во кој глумат Елизабет Тејлор и Пол Њумен отколку по драмскиот текст. Некогаш сум го гледала филмот и тој длабоко во мене оставил белег. Сега, после четиригодишна работа со овие деца кои се матуранти и после нивното двегодишно искуство на меѓународна театарска работилница во Берлин, сфатив дека е дојден моментот – ако не ја исполнам оваа драма со овие ученици, можеби во наредните дваесет години нема да имам таква можност. И го направивме тоа, ја подготвивме претставата бидејќи учениците веќе се доволно зрели, доволно стабилни за да можат да се носат со улогите и тематиката низ која провејувааат доста силни емоции “ – изјави професорката Ирена Бачиќ.
OhridNews














