Охридските трудници се принудени да плаќаат приватно за 4-димензионалните ехо прегледи, бидејќи 4Д-апаратот во Гинеколошкото одделение при Општата болница во Охрид е расипан. Според неофицијалните информации кои ги добивме од пациентите и од вработените на ова одделение, овој апарат не бил во функција повеќе од 6 месеци.

-Пред извесно време прашав дали ќе може да направам 4Д преглед во болницата и ми беше кажано дека нема да може, бидејќи апаратот неколку месеци не работи. Кога се изгради новиот објект на болницата, по медиумите излегуваа информации дека овој апарат е еден од најсовремените со кои располага оваа здравствена установа, но еве сеуште не е поправен. Сметам дека подобрените услови на самото одделение, без овој апарат не вредат, бидејќи истиот е многу важен и при контрола на бременоста, но и пред породувањето, вели една млада трудница од Охрид, која не информираше за овој проблем.

Од Управата на болницата велат дека апаратот ќе биде поправен кога ќе ја добијат најевтината понуда за поправка.

-Расипана е сондата на 4Д апартот, а тоа е многу скап дел, чини од 15 до 16.000 евра. Направивме преговори со неколку фирми, добивме понуда од една фирма за 10.000 евра, но потоа добивме понуда и од друга фирма, од каде што не информираа дека апаратот може да се поправи за околу 5.000 евра, ни изјави вчера претпладне во телефонски разговор, директорот на охридската болница Љубен Арнаудов.

Дел од матичните гинеколози објаснуваат дека за време на бременоста се препорачува да се направат најмалку три прегледи со 4Д-апарат, со кои може да се следи правилниот раст и развој на плодот, да се утврди точната старост на бременоста и навреме да се откријат аномалии на плодот.

-4Д технологијата претставува тридимензионална слика во реално време. Преку 4Д ехото се овозможува и откривање на евентуални аномалии на плодот многу порано и посигурно, овој апарат овозможува приказ на мозокот и внатрешните органи на плодот, исто како и при компјутерска томографија и магнетна резонанца. Заради сите овие исклучителни перформанси и предности, овој апарат ги проширува дијагностичките можности и клиничката прецизност, велат гинеколозите.

Тие објаснуваат дека првиот преглед со 4Д се препорачува да се направи до 12-та недела од бременоста, вториот 4Д преглед се препорачува да се направи во 20-та недела од бременоста, а третиот преглед треба да биде помеѓу 30-та и 32-та недела од бременоста. Според гинеколозите прегледот со 4Д апаратот може да биде клучен и пред самото породување, доколку се претпостави дека трудницата може да има ризично породување.

Е.М