Со вечерашниот натпревар помеѓу селекциите на Бразил и Хрватска, денеска започнува 20-тото Светско првенство во фудбал. За многумина настан број еден за 2014 година, коj до 13-ти јули во втор план ќе ги стави секојдневните проблеми и политиката.

Охридската јавност воопшто, со нетрпение го очекува почетокот на фудбалскиот Мундијал, кој покрај одлични дерби-пресметки, пред се треба да понуди дружење, забава и доза неизвесност.

Несомнено е дека спортски настан број еден оваа година, кој што јас со нетрпение го очекувам, настан кој што се надевам ќе понуди многу, пред се дружење и забава и нормално, одличен фудбал. Секогаш ваквите настани ги гледам во друштво со пријателите и другарите, може по дома или во некое од кафулињата низ Охрид. Добро ќе беше да бевме и ние на завршницата од еден ваков настан, но кога веќе не сме, јас мојата подршка на ова првенство ќе ја дадам на Хрватска. Но реално како фаворити за освојување на првото место на овој мундијал се секако домаќинот и неизбежен Бразил, но и големата четворка од Европа, Шпанија, Италија, Германија и Англија.“ – вели советникот Јоне Станкоски.

Иако Македонија не учествува на Светското фудбалско првенство, сепак многумина уште отсега имаат свој фаворит кој ќе бодрат од пред малите екрани.

Гледам како најбитна споредна работа во животот, ама сериозно најбитна! Натпреварите ќе се потрудам да ги гледам сите. Преферирам домашен амбиент, а ќе навивам за Англија, фаворит… Бразил.“ – вели познатиот охридски саксофонист Горан Папаз.

Едни во домашен амбиент, други со друштво, додека на трети не им е важно местото каде што ќе ги проследат фудбалските „битки“ помеѓу великаните.

Пред се ви благодарам за можноста која ми ја дадовте да се изразам во однос на мојата еминентна експертиза во однос на фудбалот, како најбитна споредна работа на планетава ако не и пошироко. Јас ќе ги следам натпреварите, око нема да склопам, не ми е важно каде, важно ми е само да сум во тек со овој голем настан.“ – потенцира актерот Никола Тодороски.

Имуни на фудбалската треска не се ниту претставничките на понежниот пол, кои велат дека и покрај работните обврски, нема да пропуштат позначаен натпревар од мундијалот.

Секако дека ќе ги следиме натпреварите од Светското фудбалско првенство, иако во овој период се завршните подготовки на фестивалот Охридско лето. Но ваквите големи настани е штета да се пропуштат па ќе мора да се организираме барем позначајните натпревари да се гледаат. Тоа некако ќе ни дојде и како разонода по работните обврски кои токму сега ни се главна преокупација. Во секој случај позитивна е целата таа еуфорија која се чуствува пред почетокот на мундијалот. Дали дома или во некое од кафулињата не знам но сигурно тоа ќе биде во друштво, така е поинтересно. Фаворит засега немам но ете би рекла Германија или Португалија.“ –  вели директорката на фестивалот „Охридско лето“, Елизабета Јанкуловска.

Фудбалската треска започнува, натпреварите ќе ги следам во домашна атмосвера со најблиските со грицки и пивце, а мој фаворит е Шпанија.“ – вели Анета Вршкоска Јованоска од Црвениот крст Охрид.

Мундијалот започнува вечерва во 22 часот со мечот меѓу домаќинот Бразил и балканскиот преставник Хрватска, а претходно ќе биде отварањето на јубилејниот 20-ти собир на сите фудбалски ѕвезди.

OhridNews