Согласно одлуката на Владата, од овој петок угостителските објекти ќе можат да обавуваат дејност и во затворените делови, со посебен протокол. Но, протоколот не предвидува музика во живо, односно забрането е организирање на музички настани во отворен и затворен дел на објектот, како и организирање прослави, веселби во отворен и затворен простор на објектот. На ова реагира Здружението на музичари „ОХРИДСКИ МУЗИЧКИ ЕСНАФ“, според кое одлуката е дискриминирачка.

Свесни за корона кризата во изминатиот период ги прифативме и испочитувавме сите донесени мерки, но сега откако е прекината вонредната состојба во државата и кога се донесени мерки на олабавување во сите сектори: јавен превоз, обложувалници, казина и друго, бараме да ни биде овозможено и ние да ја обавуваме својата дејност, се разбира под одредени протоколи кои ќе ги утврдат надлежните органи. – вели во изјава за OhridNews Венко Пашовски, главен координатор на Здружението на музичари „ОХРИДСКИ МУЗИЧКИ ЕСНАФ“.

Здружението кое ги застапува музичарите од Охрид и Струга, предупредува дека со донесените одлуки им се одзема правото на работа и егзистенција.

Сметаме дека покрај музичарите и музичките работнаци, кои ги има околу 20000 во државата, директно се оштетени и угостителите а индиректно и граѓаните како конзументи на нашиот производ – музика и затоа ја бараме и нивната подршка. – додава Пашовски.

Здружение на музичари „ОХРИДСКИ МУЗИЧКИ ЕСНАФ“ бара од одговорните веднаш да ги преиспитаат своите одлуки и да ја укинат забраната за вршење музичка дејност во угостителските објекти, односно да ја дозволат со потребните протоколи за заштита на здравјето на луѓето.

Г.М..