Претставници на ограноците на политичките парти  ВМРО-ДМПНЕ, СДСМ, ВМРО-НП, Национална демократска преродба, ДПА-ПОСК, ЛДП и  Достоинство, вчера во х. „Ривиера“, потпишаа Кодекс за однесување во предизборната кампања за предвремените парламентарни избори. Во документот се пропишуваат норми на однесување на партиите во насока на одржување фер и слободни избори и заштита на  угледот на градот пред почетокот на туристичката сезона. Партиите се заложија за коректна предизборна кампања без притисоци, уцени, навреди и неосновани обвинувања.


К  О  Д  Е  К  С
ЗА ОДНЕСУВАЊЕ НА ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ ВО ОХРИД ВО ПРЕДИЗБОРНАТА КАМПАЊА НА ПРЕДВРЕМЕНИТЕ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ 2011 ГОД.

Охрид , градот на УНЕСКО и најголемиот културен и туристички центар во Македонија  заслужува фер и демократска предизборна атмосфера која не смее да го попречи нормалното туристичко живење.Охрид заслужува и посебен однос на политичките субјекти кон заштитата на јавните површини и изгледот на градот.

Слободните и фер избори се камен – темелник на демократијата. Слободата за спроведување кампања е неопходен елемент на овие избори. Секој човек има право да ги изнесува своите мислења без чувство на страв. Слободата за спроведување кампања подразбира, обезбедување иста таква слобода за секој друг.

Ние, претставниците на политичките партии од Охрид, се согласивме со овој Кодекс на однесување за престојните избори. Кодексот не ги заменува постојните правила. Тој помага во фокусирањето на оние проблеми кои се имаат случено во минатото. Ние веруваме дека Кодексот  може да придонесе за  слободни и фер избори.


Ние, се обврзуваме и си ветуваме еден на друг, но и на граѓаните од Охрид, дека ќе се придржуваме и активно ќе го промовираме овој Кодекс на однесување.

-Партиите, кандидатите и членовите ќе ги почитуваат сите закони, правила и прописи на Република Македонија кои се релевантни за изборите, Одлуките на Советот на Општина Охрид и ќе го поддржуваат владеењето на правото.

-Партиите, кандидатите и членовите целосно ќе соработуваат и ќе дадат целосна поддршка на Општинската изборна комисија, како и на телата кои се под нејзина надлежност. Се очекува дека Комисијата и овие тела ќе функционираат врз основа на целосна непристрасност и транспарентност.

-Партиите, кандидатите и членовите ветуваат дека ќе промовираат слободни и фер избори, како и услови за демократска толеранција. Тие се обврзуваат дека:

         1. ќе дадат широк публицитет на овој Кодекс
         2. ќе ги промовираат кампањите за едукација на гласачите
         3. ќе ги осудат јавно насилството и заплашувањето
         4. ќе ја потенцираат тајноста на гласот
         5. ќе ги запознаат своите кандидати и членови со Кодексот, како и со нивните одговорности пропишани во него и во релевантните законски прописи.

-Партиите, кандидатите и членовите ќе го осудуваат, јавно и постојано, секој чин на насилство и заплашување од чија било страна; тие исто така ќе го осудуваат секое користење на јазикот, или секоја активност која може да провоцира насилство или заплашување.
-Партиите, кандидатите и членовите ќе го преземат секој можен чекор за елиминирање на сите форми на изборен фалсификат пред, за време и по денот на изборите.
-Ниедна партија, кандидат или член не може да понуди награда или стимул во замена за каква било изборна услуга.
-Партиите, кандидатите и членовите нема да објавуваат или да искажуваат обвиненија кои се со навредлива или со провокативна содржина за некоја друга партија, кандидат или личност.
-Партиите, кандидатите и членовите нема да ги отстрануваат, обезличуваат или покриваат постерите или другите изборни материјали на другите партии или кандидати. Тие нема да направат плагијат на нивните симболи, бои или акроними, ниту пак ќе користат графити.Партиите се обврзуваат да го почитуваат комуналниот ред и да ги сносат трошоците доколку направат било каква штета.

OhridNews