Од стапувањето на сила на препораките, пензионерите строго ги почитуваат правилата при вршење на услуги пред институциите, банките, поштите каде што ги избегнуваат групирањата, масовноста и блиските контакти, оценува Здружението на пензионери Охрид и Дебрца.

Пензионерите од Охрид задолжително практикуваат носење на заштитна опрема, маски, ракавици и други средства. ЗП Охрид и Дебрца во соработка со локалната самоуправа на Охрид и општинскиот Црвен крст со три здравствени екипи и со волонтери се грижи и навремено реагира на повиците на пензионерите во обезбедување на прехрамбени продукти и хигиенско заштитни средства. Локалната самоуправа на општината Дебрца со една екипа на лекари исто така ги презема сите мерки за заштита на пензионерите од подрачјето на оваа рурална општина. – информира ЗП Охрид и Дебрца.

Оттаму посочуваат дека bлагодарение на почитувањето на мерките и препораките на владата и министерството за здравство за заштита од пандемијата од Ковид 19 состојбата во охридскиот регион е стабилна во споредба со бројот на заразените лица во другите градови во републиката.

Пензионерите како најмасовна граѓанска невладина организација со 10.500 старосни и семејни пензионери упатуваат благодарност до владата што на два пати предвреме ги исплатува пензиите на оваа категорија на граѓани. – се вели во соопштението на ЗП Охрид и Дебрца.

OhridNews