Прекрасна музичка вечер исполнета со раскошен звук, енергија и препознатливиот македонски музички сензибилитет донесе настапот на Националниот џез оркестар во рамките на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“.


Директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, истакна дека воведувањето на програмата „OH JAZZ“ претставува природно проширување на фестивалската понуда и одговор на интересот на публиката за различни музички жанрови.
Сакавме да внесеме дополнителна динамика во програмата и да отвориме простор за современи музички изрази и нова публика, без притоа да го нарушиме основниот концепт и идентитет на „Охридско лето“. Новитет годинава е блокот од четири џез-вечери, на кои настапуваат и светски музичари. Големиот интерес на публиката, за дел од концертите и барањето карта повеќе, ни покажуваат дека „Охридско лето“ има простор да се развива, без да го изгуби својот препознатлив уметнички израз. Во иднина планираме понатамошно развивање и надградување на оваа програма, со гостувања на врвни светски имиња од џез-уметноста, рече Цуцковски.

„Охридско лето“ не е само најголемиот фестивал во Македонија, туку има поинакво реноме и во регионот. Затоа е важно џезот да биде присутен на овој фестивал. Со поголемата застапеност на џез-музиката само се зголемува шаренилото на различни жанрови во музиката, вели Стевковски.
Националниот џез оркестар, еден од водечките биг-бенд состави во регионот, обединува врвни домашни џез-музичари и меѓународно признати гости-уметници. Со иновативната програма и бројните распродадени настапи, оркестарот изгради препознатливост како национален џез-бренд.


Творештвото на Роџевски е препознаено од најзначајните имиња на њујоршката експериментална и импро-џез сцена, со соработки со Бил Ласвел, Томика Рид, Крис Дејвис, Икуе Мори, Мери Халворсон, Ингрид Лауброк, Џеф Паркер, Никол Мичел, Кен Вандермарк и други. Неговите албуми добиваат одлични критики во реномирани музички изданија, а „The Rabbit and the Fallen Sycamore“ беше вброен меѓу најдобрите албуми на 2018 година според списанието DownBeat.

Џез програмата продолжува денеска со два концерти на Долни Сарај каде од 20 часот ќе настапи Питер Сомуа бенд и од 21 часот и 30 минути Нибуа Гарсија од Велика Британија.
Со четирите џез-вечери, „Охридско лето“ оваа година отвори ново музичко поглавје, создавајќи простор за нови уметнички соработки, различни музички искуства и нова фестивалска публика.
OhridNews










