Охриѓанецот Рамис Сабри, кој студира информатика во германскиот град Сарбрикен нeoдамна организирал „Македонски ден“ во здружението „Барис“, кое функционира во градот Волкинген.  

Во рамки на овој настан, Сабри одржал и презентација за убавините на Охрид и Македонија, а биле послужени и македонски јадења, македонско пиво и вино.

-Јас веќе 6 години живеам во Германија, покрај студиите работам и како наставник и како мрежен администратор во здружението „Барис“ кое работи со млади и деца, на кои им треба помош при учењето на различни предмети како што се Математика, Англиски, Германски, Физика, Хемија и друго. Поради тоа што, никој од колегите и сорабoтниците, не знаеше каде е Македонија и кои се нејзините убавини, решив да организирам „Македонски ден“. Освен членовите на здружението „Барис“, на „Македонскиот ден“ присуствуваа и други гости помеѓу кои и градоначалникот на градот Волкинген, вели Сабри.

Тој истакна дека со овој потег сака да покаже дека како иселеник никогаш не ја заборавил Македонија, а најмалку Охрид и неговите убавини.

Волкинген е град во покраината Сар во Германија, на самата граница со Франција и на 10 километри западно од градот Сарбрикен.

OhridNews