Викендов во Центарот за култура „Григор Прличев“ се одржа јавна трибина под мотото „Заедно за животните, заедно за граѓаните“, чија цел беше запознавање на јавноста со проектот и неговата важност за заедницата, односно мотивирање на граѓаните да се приклучат во активностите на здруженијата за заштита на животните во Република Македонија.

На трибината, на која присустуваа граѓани, љубители на животни и активисти на локалното здружение „Анималиа“, стана збор за децениските проблеми со кој се соочува градот во овој сегмент.

„Најпрво ги запознавме граѓаните со проектот „Заедно за животните, заедно за граѓаните“, потоа зборувавме за активизмот, за нашето здружение „Анимлиа“ и како би можеле и тие да се вклучат. Исто така, говоревме што конкретно може да се направи во Охрид за да се реши проблемот со бездомните животни.“ – вели Димитар Ставрески од локалното Здружение за заштита, помош и вдомување на животните, „Анималиа“.

Надлежните не присуствуваа на трибината?!

Како што велат од „Анималиа“, и покрај уредно испратените покани, на трибината не присуствуваа претставници на надлежните институции и ветеринарната инспекција, кои директно се засегнати од овој проблем.

„Никој од надлежните за решавање на проблемот со бездомните животни, а кои беа поканети, не се одважи да дојде на настанов и да не’ удостои со нивното присуство и размисла. Се надевавме дека барем ќе пројават интерес за темата, која беше предмет на излагање, а која е и во интерес на граѓаните. Не ни преостанува ништо друго, освен тоа, кога тие не дојдоја кај нас, да ние како здружение повторно ги посетуваме и им досадуваме, дека постои начин за решавање на проблемот со бездомните животни. А тоа не оној што тие мислат дека е, а кој е нехуман пред се’ и е противзаконски.“ – вели Климент Арнаудов од локалното Здружение „Анималиа“.

„Залови, стерилизирај, врати”

Меѓудругото, на трибината се дискутираше за стратегијата за решавање на долгорочниот проблем во Охрид, преку примена на хуманиот метод „Залови, Стерилизирај, Обележи (Чипирај) и Врати“.

„Укажавме дека начинот на кој што моментално се решава проблемот, со транспортирање на кучињата, е неефикасен и понудивме веќе проверена практика од странство „Залови, стерилизирај, врати”, која доколку добро се спроведе, дефинитивно дава резултати. За жал, не дојдоја претставници од институциите, надлежни за решавање на овој проблем, а истиот не може да се реши доколку не се вклучат сите засегнати страни.“ – потенцира Ставрески.

Масовно труење на животните во Струга, Велес, Охрид…

Изминатиов период, освен низ струшките и велешките улици каде беше забележано масовно труење на бездомните животни, оваа негативна појава не го одмина ниту Охрид.

„Се почесто гледаме дека се прибегнува кон најнеетичкот начин на справување со овој проблем, кучињата се трујат по улици, што прекршува низа закони, како за благосостојба на животни, така и за предизвикување на општа опасност за луѓето. Најтазе вакви труења се случија во Велес и Струга, каде се смета дека се вклучени и институциите, а пред некое време и ние во Охрид бевме сведоци на ваков немил настан.“ – потенцира Ставрески.

Секоја општина со буџет за справување со бездомените животни?

Од скопското Здружение за заштита на животните „Анима Мунди“, посочија дека секоја општина во земјава, зема средства од буџетот за справување со бездомените животни.

„Нашите пријатели од Анима Мунди, носители на проектот, ни посочуваат дека секоја општина зема средства по буџетот за справување со бездомните животни. Средства се издвоени и во Битола и во Велес. На сметка на „Анималиа“ не легнал ниту денар од општината. Само по некоја донација одвреме-навреме од страна на некој граѓанин, кој ја сфаќа тежината на проблемот со кој се соочуваме, а за кој несомнено се потребни средства.“ – вели Арнаудов.

Нова предлог одлука

Од „Анималиа“ велат дека изготвена е нова предлог одлука поврзана со бездомните животни, која навремено ќе биде доставена до општината.

„Имаме изготвено и нова предлог одлука поврзана со бездомните животни која во догледно време ќе ја доставиме во општината. Оваа старата е премногу кратка, со само 6 члена, и ниту еден од нив се исполнува.“ – вели Арнаудов

O.T.