Се уште не е легната прашината што се дигна по завршувањето на мечот во Билјанини Извори помеѓу АМАК СП – МЗТ ФОН.

АМАК СП не ја искористи предноста на домашниот терен во првиот четвртфинален дуел од разигрувањето против МЗТ ФОН Универзитет, но серијата спорни судиски одлуки во финишот на мечот не им дозволија на избраниците на Игор Гацов да триумфираат.

–    Овие млади момци не заслужија вакво судење, особено не во плејоф каде што притисокот е огромен. Некој навистина треба да се замисли и на вакви средби да делегира квалитетни судии – рече по средбата тренерот на Амак СП, Игор Гацов.

По завршувањето на мечот, неофицијално дознаваме, бил удрен еден од судиите во инцидент во ходникот кон соблекувалните, а проблеми имале и гостите. По интервенција на првиот човек на Амак СП, Венко Шапкар, напнатата ситуација беше смирена.

Во МЗТ ФОН се изненадени и разочарани за слабата организација, од односот на охриѓани и најавуваат дека денеска ќе поднесат поопширен извештај за случувањата по средбата. Во КФМ велат оти не можат официјално да коментираат и го чекаат извештајот од судиите и делегатот, како и дополнителните изјави.

Наредниот натпреваер во серијата подобар од три се игра утре во салата Јане Сандански .Евентуалниот трет натпревар , ќе се игра во Охрид во Петок.