Охриѓанката Даниела Петкоска е победник на Интернационален натпревар по класична музика за флејта, што се одржа во Италија. Станува збор за 31-то издание на натпреварот „Лилијан Карајан“ кој се одржува еднаш на 2-3 години во Трст, во Музичкиот Конзерваториум „Giuseppe Tartini”, каде Петкоска е редовен студент на магистерски студии.
На натпреварот што се одржува од 1986 па до сега, Петкоска беше назначена за победник во 2017 година и со тоа влезе во историјата на натпреварот заедно со другите победниците од изминатите години. Натпреварот имаше интернационален карактер, на кој присуствуваа кандидати и од Словенија, Србија, Италија. По натпреварот се одржа мини турнеја на победниците низ Удине и Трст, како и во Ротари Клубот во Трст каде на Петкоска и беше доделена наградата.
Даниела Петкоска е родена 1993 година во Охрид. По завршувањето во основното музичко училиште „Методиј Патче’’, во класата на нејзината мајка Оливера Петкоска, ги продолжува своите студии во Средното музичко училиште во Битола во класата на проф.Александар Стефановски.
Своите студии ги продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на професорот Страшо Темков, а како добитник на стипендијата Еразмус+ ,своите додипломски студии ги завршува во Италија во Музичкиот конзерваториум Џузепе Тартини во Трст каде дипломира со оценка 10 и како најдобар студент со просек 10 на Факултетот за Музичка Уметност во Скопје.
Била дел од бројни културни настапи, концерти, рецитали во земјава и странство. Во своите студии во Македонија како и во Италија свири како прва флејта на одбрани проекти со Симфонискиот оркестар од Универзитетот Св.Кирил и Методиј, со познати солисти, како и во Симфонискиот оркестар во музичкиот конзерваториум Џузепе Тартини во Трст.
Во 2016 година е одбрана да свири како прва флејта на европска турнеја низ Германија и Полска, во еден европски младински интернационален оркестар. Добитник е на безброј први награди и специјални награди, освоени како солист и во рамките на камерна музика и ансамбли.
OhridNews
















