Околу 100 предмети за легализација денес беа изгласани на одржаната седница на Советот на Општина Охрид. Советниците од опозицијата велат дека не се против носењето на Одлуките, но премногу е да се стават на Дневен ред на една седница повеќе од 100 предмети за легализација.

На почетокот од седницата беа повлечени 11 точки од Дневен ред со образложение од страна на Бранко Арнаудов од Секторот за урбанизам, дека за овие точки не се доставени доволно информации до советниците.

Точките се повлечени исклучиво за да се добие комплетен материјал за да не постои никаков сомнеж. Затоа, на наредните седници точките ќе бидат ставени на Дневен ред, откако за истите ќе биде доставена комплетна документација.  За да не постојат никакви дилеми при носењето на Одлуките, рече Арнаудов.

Нема да бидеме против постапките за легализација, бидејќи тие веќе беа отпочнати. Легализациите се носат со консензус, но за да немаме сомнеж во стручните служби, потребно е да не се ставаат по 120 точки на Дневен ред, туку да има барем по 30 легализации за да имаме поголема прегледност, рече советникот Науме Јованоски од СДСМ.

Побаравме како советничка група на СДСМ со коалицијата во иднина вакви одлуки да бидат застапени во помал број за да може добро да се разгледаат и да може да се донесе одлука којашто ќе е и во рамките на правните прописи, и во интерес на граѓаните, затоа што навистина 110 легализации не може да бидат ставени како точки на Дневен ред во ситуација кога сме на некој мониторинг, кога треба да се почитуваат и строго препораките од УНЕСКО и да се донесат одлуки кои се во рамките на законските прописи, рече советничката од СДСМ, Живка Ангелоска.

Точно е дека имаше многу точки за легализација, предмети кои извесен период не стигнале до Советот да се гласаат, но од општинската администрација беа детално претставени, рече советникот и координатор на советничката група од ВМРО ДПМНЕ, Перчо Божиновски.

Тие точки каде што немаше комплетна документација и не беше доставена кај советниците, истите беа повлечени од дневен ред. За останатите имаше детална анализа во однос на катастарските парцели, во однос на се она што треба да го изгласаме. Така што овие точки беа изгласани и на Комисијата, а во однос на интерес на граѓаните истите беа изгласани и на Советот. За следните седници планирано е како што ќе стигнуваат предметите, така да бидат ставени на Дневен ред, за да не бидат во голем број како на оваа седница. Тврдам дека сите точки кои беа поставени имаа комплетна документација и воопшто немаат никаков проблем ниту со усогласувањето на препораките од УНЕСКО, ниту со планот за Заштита на културно наследство, рече Божиновски.

Секретарот на општина Охрид, Александар Китески, дополни дека од сега на секоја седница на Совет на Дневен ред, предмети за легализација ќе се ставаат тековно, како што ќе пристигнуваат.

Н.С.Ј.