Опозицијата во градскиот совет со низа критики за работењето на јавните претпријатија, буџетот и процентот на реализација на програмите на секторите при локалната самоуправа.

Обвинуваат дека извештајот за реализација, пред се на секторот за комунални дејности, улици и патишта, е катастрофален. Според советниците од опозицијата, програмите не се изготвуваат врз основа на реалните можности на општината и додаваат дека неопходно е да се изготвуваат реални буџети.

  • Оваа катастрофална ситуација е поради тоа што години наназад програмите претставуваат желба, а не реални можности на општините кои може да ги реализира. Време е и да почнеме да правиме реални буџети кои ќе се засноваат на реалната моќност на општината и буџетот со кој се располага, вели координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, Кирил Пецаков.

Опозицијата на денес одржаната седница на советот, за јавните претпријатија обвинија дека работаат со намалени приходи, а со зголемени плати, трошоци за репрезенатација и гориво.

ВД градоначалникот Константин Георгиески се согласува дека процентот на реализација на програмите на дел од секторите е помал, но наведува дека за тоа има оправдани причини.

  • Остварувањето на буџетот во споредба со 2017 е поголемо за 9%. Точно е дека остварувањето на буџетот во програмата за комунални дејности улици и патишта е пониско од планираното, но тоа е резултат на тоа што не се оствари делот од буџетот кој беше на терет на општина Охрид во однос на асфалтирање на улицата Абас Емин. Тој проект е врзан со министерството за транспорт и врски, затоа што дел од средствата се обезбедени преку Европската банка за обнова и развој што покрива изработка на атмосферска канализација, фекална и водоводна. Проектот беше заглавен неколку месеци во службите на министерството. Ние бевме во комуникација, извршивме некои корекции и сето тоа е завршено и очекуваме министерството за транспорт да распише деновиве тендер и да почне реконструкцијата на Абас Емин, изјави Георгиески.

Во однос на буџетот, Георгиески потенцира дека за 2019 креиран е буџет токму според реалните можности на општината, што не е случај кога станува збор за буџетот од 2018 кој бил искреиран од општинската администрација пред започнувањето со работа на актуелната локална власт.

За работењето на јавните претпријатија, вд градоначалникот вели дека сите работаат со зголемени приходи и намалени трошоци и се во одлична кондиција.

На денешната седница советниците расправаа и за извештаите за финансиското работење и годишната сметка за 2018 на основните и средни училишта и за детската градинка „Јасна Ристеска“.

OhridNews