Општина Охрид објавува јавен повик за прибирање предлог-идеи од граѓаните, месните заедници и другите заинтересирани субјекти за определување, дополнување и промена на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на подрачјето на Општина Охрид.

Целта на јавниот повик е да се обезбеди активно учество на граѓаните во процесот на предлагање имиња, да се зачува историското, културното и традиционалното наследство на Охрид и охридскиот регион, како и да се создаде соодветна и сеопфатна листа на имиња која ќе ја одразува локалната историја, култура, традиција и општествен развој, стои во повикот.

Право на учество имаат месните заедници, групи од најмалку 20 граѓани, здруженија, фондации и други правни субјекти. Поединечните граѓани можат да достават предлози преку месните заедници или како дел од иницијатива поддржана со најмалку 20 потписи.

Во повикот се посочува и дека Општина Охрид го задржува правото да не ги прифати сите доставени предлози.

Доставувањето предлог не значи автоматско прифаќање или определување на предложеното име. По завршувањето на постапката за прибирање и разгледување на предлозите, ќе биде подготвена предлог-листа на имиња, која ќе биде предмет на понатамошна постапка согласно законските надлежности на Советот на Општина Охрид и Владата на Република Македонија, се наведува во повикот.

Предлозите можат да се достават во писмена форма во архивата на Општина Охрид или по пошта на адреса: Општина Охрид, ул. „Димитар Влахов“ бр. 57, Охрид. Рокот за доставување е 10 дена од денот на објавувањето на јавниот повик.

Повеќе информации на линкот.

OhridNews