Ден по одржувањето на митингот се огласи локалната самоуправа од каде тврдат дека охридскиот плоштад, а особено зелените и цветните површини по митингот наликувале на вистинска депонија.
– Токму поради оваа опасност градоначалникот Александар Петрески апелираше, а Советот на Општина Охрид донесе одлука, предизборните митинзи наместо на плоштадот да се одржуваат на полигонот за мали спортови. Одлуката не ја почитуваше само ВМРО- ДПМНЕ , па оттаму и прашањето кој ќе ја сноси направената штета, велат од локалната самоуправа.
Претседателот на општинската ВМРО- ДПМНЕ, Атанаско Михаилов, на денешната прес конференција, нагласи дека за време на митингот не бил уништен речиси ниту еден дел од зелените површини и уредениот дел на плоштадот.
– На митингот не е забележан никаков инцидент. Веднаш по завршувањето се превзедоа мерки за расчистување на отпадот при што уште во раните утрински часови состојбата беше доведена во нормала. Ако пет уништени очиња кои чинат 50 денари вредат повеќе од 210. 000 евра кои вчера угостителите и туристичките работници ги заработија во Охрид од присутните на митингот, тогаш ќе кажеме дека петте очиња ќе им ги платиме, дури и можеме да им ги посадиме, рече Михаилов.
Како што рече Михаилов, на вчерашниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ присуствувале 37. 000 луѓе, охриѓани и гости од другите градови од Република Македонија.










