Со цел да се поттикне рамномерниот културен развој, афирмацијата на културните вредности и  анимирање на културата на локално ниво и да се обезбедат услови за достапност на граѓаните до културните вредности и нивно користење, Министерството за култура денеска го објави конкурсот за манифестацијата „Топол културен бран“ за 2015 година. На овој конкурс свои апликации можат да доставaт сите општини во Република Македонија.

Според  планираното, оваа манифестација ќе се реализира во две етапи: првата од 20 до 31 јули и втората од 20 до 31 август 2015 година, преку заедничко финансирање од страна на Министерството за култура и локалните самоуправи.

На конкурсот, општините треба да достават програма со проекти од сите области на културата: филм, театар, музика, танц, литература и ликовна уметност. Програмскиот концепт може да содржи самостојни и групни ликовни изложби, концерти од сите музички форми и жанрови (солистички, камерни, симфониски, популарни, етно, џез,  концерти на фолклорни и хорски ансамбли и слично), изведби на класичен и современ танц, филмски проекции, драмски претстави, проекти наменети за најмладата популација, поетски читања и друго. 

Конкурсниот рок трае заклучно со 8-ми јуни 2015 година.