Петнаесет години сцена, стотици настапи, многу километри, различни публики… Никола Тодороски утревечер, 13 август, на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид ќе ја заокружи првата голема етапа од својата кариера со специјалното шоу „Опстанок“.
Јубилејот ќе биде одбележан онака како што најмногу му прилега на еден комичар, пред својата публика и со многу смеа. „Опстанок“ воедно ќе биде и големото финале на осмото издание на Summer Comedy Marathon.
Шоуто „Опстанок“ нема да биде само роденденска прослава. Тоа е ново стендап шоу во кое Тодороски низ својот препознатлив комичарски израз ќе ги претвори секојдневието, општеството и нашите слабости во материјал за смеа.
Атмосферата ќе ја загрее DJ FACE. Пред главното шоу ќе настапи Никола „Братучед“ Сиљаноски, додека специјални гости ќе бидат популарното комичарско дуо Тино и Атанас. Почетокот на програмата е во 21 часот.
Важни информации за публиката
Вратите на стадионот „Билјанини Извори“ ќе бидат отворени од 20:00 часот, еден час пред почетокот на шоуто.
За полесен и побрз пристап, организаторите обезбедија одделни влезови за посетителите со онлајн и со печатени билети. Влезот за онлајн карти е означен од левата страна на објектот, додека за посетителите со печатени карти е предвиден посебен влез од десната страна.
Касата е поставена во централниот дел, а посебно е означен и службениот влез. Организаторите препорачуваат публиката да пристигне навреме и да ги следи поставените ознаки за да се избегне метеж непосредно пред почетокот на шоуто.
Билетите чинат 700 денари, а можат да се набават преку Tix.mk и на телефонскиот број 075 283 066. Сместувањето на стадионот е по принципот „прв дојден – прв услужен“, а шоуто не се препорачува за лица помлади од 16 години.















