Смеа, сатира и препознатливи приказни од македонското секојдневие ја исполнија синоќа големата сцена и трибините на стадионот „Билјанини Извори“, каде актерот и комичар Никола Тодороски со премиерната изведба на шоуто „Опстанок“ одбележа 15 години стендап кариера.
Вечерта започна со музичко загревање на DJ Face, по што сцената ја презеде Никола „Братучед“ Сиљаноски со нов стендап материјал кој одлично беше прифатен од публиката. Низ шегите за стареењето и актуелните проблеми во земјава, тој му го честиташе јубилејот на Тодороски, посочувајќи дека за успехот на вечерта заслужна е и публиката која дојде да го поддржи.
Специјални гости беа популарните скопски актери и комичари Тино и Атанас, кои со својот препознатлив хумор отворија теми од пијанства и анегдоти од патувања, до туризмот и летната „инвазија“ на скопјани во Охрид. Неизбежна тема беше и автопатот Охрид – Кичево, кој се гради повеќе од една деценија.
Токму Тино и Атанас ја најавија ѕвездата на вечерта, потенцирајќи дека 15 години стендап кариера не се малку.
Пред домашната публика Тодороски премиерно го изведе своето ново шоу „Опстанок“, кое низ сатира, иронија и секојдневни ситуации ја отсликува македонската реалност.
„Заедничко за сите што сме присутни овде е што преживеавме уште еден ден во оваа прекрасна земја. Опстанок е секој ден“, рече Тодороски на отворањето на шоуто.
Следуваше стендап во кој секојдневните проблеми, апсурдите на општеството и навиките на луѓето беа преточени во хумор, а реакциите на публиката покажаа дека „Опстанок“ ја погоди темата која Тодороски ја најавуваше и пред премиерата – смеа на сопствена сметка и кратко бегство од товарот на секојдневието.
За Тодороски, сепак, најзначајниот дел од јубилејната вечер беше фактот што на „Билјанини Извори“ се случи културен настан кој обедини различни генерации.
„Најголемата награда за мене е дека се случи културен настан во кој заедно со екипата, комичари, актери, организатори, техничари и секако прекрасната публика, учествувавме заедно. Мило ми е дека во публика имаше добар дел од публиката во Охрид, а и луѓе од други места пошироко, на возраст од 16 до 76 години. Тоа покажува дека овој тип на уметност си го има муабетот со публиката“, изјави Тодороски по шоуто, упатувајќи благодарност до сите вклучени во реализацијата.
Јубилејот на „Билјанини Извори“ стави печат на една и пол деценија во која Тодороски, заедно со колегите од домашната сцена, го градеше стендапот како препознатлив сценски жанр пред македонската публика.
Со „Опстанок“ воедно се спушти завесата на осмото издание на Summer Comedy Marathon. Зад фестивалот останува уште едно успешно издание со 21 шоу на повеќе локации низ Охрид, различни комичарски формати и бројна публика.
Осум години по неговото започнување, Summer Comedy Marathon се етаблира на културната мапа на градот, прераснувајќи во препознатлив културен бренд кој полека станува еден од заштитните знаци на Охрид во летниот период.
„Опстанок“ пред полни трибини на „Билјанини извори“: Блескава стендап вечер и 15 години кариера на Никола Тодороски
Г.М.
Фото: А. Момироска











































































