Нема план Б, специјалниот обвинител мора да биде назначен до 15 септември, изјави евроамбасадорот во Македонија, Аиво Орав.

„Минатите денови многумина ме прашуваа дали има план Б, доколку не се назначи специјален обвинител. Не, нема план Б, специјалниот обвинител мора да биде назначен на 15-ти септември. Лично сум многу охрабрен од говорите на премиерот (Никола) Груевски и од опозицискиот лидер (Зоран) Заев, кои испратија охрабрувачки пораки дека партиите сакаат да го завршат ова прашање. Да, сé уште неразјаснети работи, но во следните денови тие ќе се решат на конструктивен начин во интерес на земјата, а на 15-ти септември ќе се назначи специјалниот обвинител, кој на 16-ти септември веќе ќе може да почне со работа“, изјави шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Аиво Орав.

Според него, партиите сега се во многу тежок период на имплементација на политичкиот договор, но вели дека договорот за излез од политичката криза е големо достигнување.

„Политичкиот договор што беше постигнат меѓу сите политички партии на 15-ти јули беше големо достигнување за сите страни. Ова е многу тежок процес, а партиите се во тежок период, затоа што сега се соочуваме со имплементација. Многу работи не се подготвени, работните групи преговараат, опозицијата се врати во парламентот на 1-ви септември, што беше еден од клучните елементи на овој договор“, изјави Орав.

Премиерот Никола Груевски и опозицискиот лидер, Зоран Заев во празничните обраќања по повод денот на независноста изјавија дека специјален обвинител ќе биде договорен. Заев изјави дека деновиве ќе биде договорен специјалниот обвинител, а Груевски изјави дека договорот за избор на специјален јавен обвинител треба да се реализира онака како што е договорен. Според него, обвинителот мора да има посебни услови за негово работење за да носи непристрасни одлуки.

Специјалниот обвинител кој е дел од политичкиот договор за излез од политичката криза треба да ги реши случаите со прислушувањето во која наводно се вмешани високи функционери од власта, како и процесот „Пуч“ што се води против опозицискиот лидер.

OhridNews

Извор:„Макфакс“