Со цел зголемување и унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата во Охрид, во текот на првомајските празници, од Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот упатуваат апел до сите учесници во сообраќајот за внимателно, дисциплинирано, совесно и одговорно учество и максимално почитување на сообраќајните правила и прописи.

– Во услови кога во Охрид бележиме зголемената фреквенција на сообраќај, посебно во централното градско подрачје, потребно е дисциплинирано управување на патничките и други моторни возила, почитување на пропишаната брзина на движење, исклучиво користење безбедносни појаси, некористење на мобилните телефонони во тек на управување со моторно возило а посебно да не се седнува зад воланот под дејство на алкохол или наркотични средства. Неопходно е користење на пешачките и велосипедски патеки и внимателност за личната, но и за безбедноста на останатите, потенцира претседателот на советот, Стефан Димоски.

Возачите на моторни возила, посебно младите возачи, да ја контролираат брзината на движење, да  ги почитуваат пешаците, моторциклистите и велосипедистите на сообраќајниците, да држат безбедно растојание и секогаш да им овозможуваат првенство на минување како ранлива категорија учесници во сообраќајот.
Моторциклистите но и велосипедистите, задолжително да користат заштитен шлем-кацига неопходна и за сопатникот на моторциклот, да внимаваат на брзината на движење и безбедно да вршат претекнување или промена на страната на движење. Моторциклистите,  при секоја промена на движењето, навремено да вршат вклучување и користење на жмигавци.

Пешаците, исклучиво да ги користат обележаните пешачки премини за безбедно преминување на коловозите на сообраќајниците и кружните крстосници. Велосипедистите, дисцилинирано да се движат по обележаните велосипедски патеки, исклучиво да ја користат десната страна за движење по коловозната лента, да вршат сигнализирање со рака за секоја промена на управување со велосипедот, внимателно да се движат покрај паркирани автомобили, задолжително да користат предно и задно светло при ноќно управување на велосипед.

– На овај начин, сакаме да придонесеме за унапредување на сообраќајната превенција, да ги намалуваме  ризиците во сообраќајот и можностите за сообраќајни незгоди, да ја подигнеме сообраќајната култура и јавната свест кај сите категории учесници во сообраќајот од потребата за почитување на сообраќајните правила и прописи. Секогаш имајте во предвид дека почитувањето на сообраќајната сигнализација е основен предуслов за безгрижно патување и безбедно пристигнување на посакуваната дестинација, порачуваат од општинскиот Совет за безбедност на сообраќајот.

OhridNews