Хотелот „Славија“, кој пред една година беше купен од страна на компанијата „Сахара Груп“ на индискиот бизнисмен Субрата Рој, се уште не работи. Објектот е затворен, а единствените тројца вработени останале без работа. Информацијата ја потврдија од компанијата „Сахара Глобал Македонија“, од каде посочија дека на тројцата вработени им истекле договорите и истите не им биле продолжени, додавајќи дека на нивно место ќе бидат ангажирани други лица.
Според информациите од „Сахара Македонија“, „Славија“ повеќе нема да работи како хотел, туку ќе биде резиденцијален објект кој ќе служи за потребите на вработените во компанијата. Објектот ќе биде реконструиран, за што бил изготвен план, но од компанијата не прецизираа кога ќе отпочнат градежните активности во хотелот, затоа што се чекале потребните одобренија од надлежните институции.
Непосредно по купувањето на хотелот „Славија“ од приватно лице, беше најавено дека тука ќе отседне инженерскиот тим на „Сахара“ кој ќе работи на изградба на туристичкиот комплекс во Љубаништа. Но засега нема ништо ниту од овој амбициозно најавуван проект. Од „Сахара Македонја“ објаснуваат дека се чека зелено светло од Владата затоа што на просторот каде треба да се гради туристичкиот комплекс има археолошки локалитет, како и земјиште во приватна сопственост. Голем имот тука поседува и Дебарско–кичевската епархија, од каде во неколку наврати јавно истакнаа дека црковната земја не е на продажба.
Во меѓувреме бизнисменот Субрата Рој, кој два пати ја посети Македонија и беше пречекуван на високо ниво од владини претставници со кои заедно ги најавуваше амбициозните планови за инвестиции во земјава, западна во проблеми. Поради финансиски малверзации поврзани со работењето на неговата компанија, индискиот суд му одредеди мерка притвор и му наложи да ги подмири обврските кон оштетените инвеститори во висина од околу 3 милијарди долари. Како што пренесоа светските медиуми неговата компанија започнала постапка за продажба на имот во странство со цел да обезбеди средства за ослободување на Субрата Рој од притвор.
Г.М


















