Уметноста постои само во оној миг кога ќе биде слушната или видена, таа почнува да го живее животот во оној момент кога ќе биде препознаена.

Драган Охридски

Драган Спасески Охридски, доктор специјалист по ортопедија и хирург, уметник чии дела повеќе од 30 години ги одушевуваат љубителите на уметноста во земјава и странство, поет, писател, кој се занимаваше и со дизајн, компјутерска уметничка графика и уредување на ентериери, хуманист и пред се  редок и исклучителен интелектуалец, прерано го напушти овој свет. Тој почина вчера во 60-та додина од Ковид 19. Зад себе остави  уникатни уметнички дела и поезија, но пред се остави неизбришлива трага во културното и општественото живеење на Охрид, градот кој неизмерно го сакаше и му се даваше. Ги сакаше и почитуваше вистинските вредности и луѓето со морал, професионален бекграунд и интегритет, ретките. А тој беше редок, навистина редок Човек.

Драган Спасески Охридски 1960 – 2020

Смртта на Драган Спасески Охридски, е голема загуба за Охрид, вели градоначалникот Константин Георгиески, кој се прости од својот пријател и колега доктор на социјалните мрежи.

Останавме без врвен доктор, вреден охридски интелектуалец, ликовен уметник, писател и обичен човек со ретки естетски вредности и филозофски размисли. Јас останав без голем пријател и колега, со кого делевме многу добри и важни нешта и успешно се справувавме со сите предизвици. За жал, останавме без еден голем човек кој ќе влезе во колективната меморија на древниот Охрид. Неговото дело ќе биде гордост за неговото семејство, сограѓаните и интелектуалните кругови, не само во нашата држава, туку и во целиот свет. – напиша Георгиески.

Уметничкото творештво на Драган Спасески Охридски, е високо ценето од стручната јавност. Неговата уметност  е оценета како уникатна во која преовладуваат силни емоции, мистичност и оригиналност.

Драган Спасески Охридски сака да кореспондира со духовното. Тој е современ уметник во современа смисла, но не е имитатор. Тој е уметник којшто се враќа на антиката, на ренесансата, на неокласицизмот, се до наше време и не повторува никого. – ќе рече во 2017 академик Цветан Грозданов, кој исто така не е повеќе со нас.

Спасески Охридски беше сестран уметник со препознатлив стив. Елоквентен, надарен, со силна експресија која плени.

Тој е од оние македонски сликари што на темелите на сопствената богата култура и професионално знаење, а без надворешен налог, како лична определба и често, наспроти тековната ликовна коњуктура, во наше време, собразени со неговите епохални одлики, вршат своевидна лична „обнова“ и „претолкување“ на изминатите стилови. Тие што кај нас од историски причини не се случиле. Спасески-Охридски е лично пленет од тие модели на „туѓо“ минато, но воедно со ликовното ниво на сопствените творби ја „дополнува“ и „дообликува“ духовната историја и „зреењето“ на македонската култура. – напиша меѓу другото Борис Петковски во Прологот на почетокот на монографијата „Охридска Мадона“, во која е поместен дел од богатиот  уметнички опус на уметникот Драган Спасески Охридски.

Според стручната критика, Спасески Охридски е вонвременски уметник кој целосно се внесува во се што твори.

Поетската светлина на Охридски е срасната со повеќе уметности. Уметничката плетенка на Охридски е повеќеслојна. Затоа поезијата ќе ја сретнеме во нејзиниот природен контекст од неколку уметности. Кај раскошниот повеќестран уметник Охридски, мултимедијата е вистински совршено хармонизирана полифонија, која подеднакво си ги сака своите чеда сликата, речта, поезијата, формата и нивната заемна љубов. – ќе истакне за делата на Спасески Охридски македонскиот поет и критичар, Кристина Николовска.

Драган Спасески Охридски беше голем презентер на охридската и македонската уметност надвор од границите на земјава. Тој е еден од првите автори кој уште кон крајот на осумдесеттите години на минатиот век се претставува со мултимедијални проекти пред љубителите на уметноста, што подоцна стана тренд кај нас и во поширокиот регион.

Драган Спасески Охридски по професија беше доктор – специјалист, ортопед, хирург.  Ценет помеѓу колегите, сакан од пациентите.

Самопожртвувано, низ секојдневна клиничка пракса им помагаше на пациентите, а со својот позитивен лик, енергичност и сестраност секогаш беше тука и за колегите, за професионална дискусија, личен разговор, совет и поддршка. Ќе биде запаметен и по неговиот општествен, хуманитарен ангажман како и по неговата пасија за уметноста, особено сликарството и поезијата. – се вели во последниот поздрав од колегите од Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ – Охрид, каде Спасески Охридски го мина целиот работен век.

Драган Спасески – Охридски, беше исклучително ценет од професионалците во медиумската сфера. По професија хирург- по ортопедија, човек кој спасил илјадници животи, но и голем човек во уметноста, поезијата, естетиката, филозофијата и сите области на човекољубието. Голем охриѓанец, следбеник на Свети Климентовата традиција на вековната школа на хуманизмот, на која и се поклонуваат Европа и светот. Несекојдневен и сјаен дел од охридската милениумска историја, го опишува Спасески Охридски, долгогодишниот новинар Симон Илиески.

Беше и ќе останеш момчето кое уште од прва година гимназиско образование ги објавуваше своите поетски записи. Тие го оставија својот печат , ги пресоздаваше и ги донесе до совршенство. Ги преточи во ликовни зданија во твоите уметнички дела, со таинствените погледи нејзини и на мајчинскиот пород. Заедно со публицистичкиот дел, тоа е единствениот спој на сликарството, поезијата, естетиката и филозофијата, на која и се воодушевувале видни македонски и светски познавачи на убавото. – истакна новинарот Илиески.

Уметникот и лекар Спасески Охридски беше хуманист, човек кој држеше до себе и сопствените принципи. Ги почитуваше вистинските вредности, безусловно ги сакаше луѓето коишто ги ценеше и својот град, за кој имаше сопствена визија.

Имам многу неостварени сништа. Многу од нив се однесуваат на Охрид. Пример, да се направи Охридска академија само од охриѓани. Охрид тоа реално го може заради бројот на научни кадри што се расеани секаде низ светот, а потекнуваат од Охрид. Реално е потребно што побрзо тоа да се направи, затоа што треба да се изготви програма за сочувување и развој на Охрид и Охридското Езеро со сите културно – историски движни и недвижни споменици. – ќе ги открие своите неисполнети желби во разговор за OhridNews, Драган Спасески Охридски.

Малкумина заслужуваат во презимето да имаат Охридски, Драган Спасески несомнено е еден од нив.

Горан Момироски

Замина докторот со уметничка душа Драган Спасески Охридски