Под наслов „Уметност за запознавање меѓу народите“, синоќа во рамки на фестивалот „Охридско лето“, во Центарот за култура беше отворена изложбата на италијанскиот уметник и почесен граѓанин на Охрид, Винченцо Бјанки.


Изложбата ја отвори директорот на „Охридско лето“, Тони Симоноски, а свои обраќања имаа професорот Винченцо Бјанки и градоначалникот на Охрид, Александар Петрески.


Винченцо Бјанки истакна дека како вљубеник во Охрид му причинува чест и задоволство отворањето на изложбата во рамки на „Охридско лето“. Тој најави дека и понатаму во соработка со локалната самоуправа ќе продолжи да работи на проектот за отворање на музејот „Кадмо“, каде ќе бидат поместени околу 200 слики кои на Охрид му ги подаруваат Бјанки и други уметници од светот.


Градоначалникот на Охрид, нарекувајќи го Бјанки наш сограѓанин, истакна дека соработката со италијанскиот уметник е од големо значење за културата во Охрид.


Петрески кому вчера му беше врачена Европската награда за придонес во културата што ја доделува интернационалната Академија „Михаил Еминеску“ од Крајова, му се заблагодари на Бјанки за неговиот ангажман во поврзувањето на  Охрид со романскиот град. Градоначалникот наградата ја посвети на сите граѓани на Охрид.

Ohridnews