Од денеска пред очите на јавноста ставаме финансиски податоци за над дванаесет и пол милиони трансакции. Стандардите се поставени. Секогаш кога некое министерство, агенција или државна управа ќе извршат уплата на пари, трансакцијата во рекордно време ќе биде јавно достапна за увид на сите во државата, соопшти Претседателот на Владата Зоран Заев на прес-конференција на која се промовираше веб платформата „Отворени финансии“ ( open.finance.gov.mk ).

На настанот на кој присуствуваа и министерката за финансии Нина Ангеловска, министерот за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски и претставници на УСАИД и ИРИ, премиерот Заев истакна дека ваквиот чекор покажува транспарентност и отчетност, бидејќи конечно се отвора државниот Трезор на Министерството за финансии, и на увид на граѓаните се ставени минатите, сегашните и ќе бидат ставени сите идни финансиски трансакции на буџетските корисници.

Во првата фаза е планирано на платформата „Отворени финансии“ да се објавуваат трансакциите на буџетските институции на Централниот буџет, а тоа се институциите од Основен буџет (министерства, агенции, управи итн.) и социјалните фондови, а во втората фаза ќе се објавуваат и трансакциите на единиците на локална самоуправа и нивните буџетски институции.