Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, испрати отворено писмо до неговите колеги во кое укажува дека во Собранието се крши Деловникот за работа и Уставот на Македонија, пренесува „Макфакс“.

Според него, начинот на кој беше организирана и одржана таканаречена „седница“ за избор на претседател на Собранието, очекувано стана пракса во секојдневното функционирање на законодавниот дом на државата.

Вељаноски во писмото наведува дека се злоупотребува членот 68 став 2 односно сите собраниски седници се прикажуваат како итни.

„Седниците се свикуваат од денеска за утре со цел да се избегне достава на материјали, се анулира време во кое пратениците би се подготвиле за расправа, се избегнуваат рокови за поднесување амандмани. Нема никакво, ама баш никакво оправдување за непрекинатото изигрување и злоупотребување на членот 68“, вели Вељаноски.

Тој додава дека е направен преседан во свикувањето на седницата за пратенички прашања.

„Дваесет и третата седница, која е седница за пратенички прашања се свикува два дена пред нејзино одржување. Деловникот во член 40 утврдува дека пратениците за поставување пратенички прашања известуваат 24 часа пред одржување на седницата. Го чита ли некој воопшто Деловникот? Или го чита и со една огромна леснотија без тронка грижа го прекршува, гази и продолжува понатаму?“, прашува Вељаноски.

Во писмото тој наведува дека во Собранието се врши непочитување на деловнички одредби за постапка при интерпелација и обвинува дека предлог закони по кои завршило прво читање со месеци стојат заглавени или заборавени без да се стават во второ читање.

Исто така, додава Вељаноски, на пленарна седница се настојува да се донесе Предлог одлука за избор на заменици генерални секретари во поинаква форма, односно поинаков персонален состав од тој кој го разгледувала и изгласала комисијата.

Вељановски наведува дека се врши и злоупотреба и прекршување на член 60 точка 4 од Деловникот при одредување на матично тело за Предлог закон за употреба на јазиците, пропратена со злоупотреба на европското знаменце во недостиг од оправданост за негово присуство и постоење на соодветна европска директива.

„Почитувани колеги пратеници, што е следно? Да не го забораваме фактот дека молчењето е одобрување. Се доведуваме во незавидна состојба како членови на Законодавен дом да го искинеме Деловникот, како академски граѓани да ги искинеме универзитетските дипломи, како претставници на народот да се засрамиме пред довербата која ни ја дале граѓаните. Ако ние како пратеници не почитуваме законски норми, Деловник и Устав, со кој легитимитет ги носиме законите и очекуваме граѓаните да ги спроведуваат и почитуваат?“, прашува Вељаноски во писмото испратено до неговите колеги-пратеници.

OhridNews
извор: „Макфакс“