Со сечење лента градоначалникот на општина Дебрца Игор Трајкоски, свечено го пушти во употреба реконструираното основно училиште во Лешани, кое е предвидено да прерасне во подрачно основно училиште во рамките на ОУ „Дебрца“ Белчишта. Реконструираниот објект нуди нови услови како за учениците, така и за наставниот кадар. Со пуштањето во употреба на училишната зграда, ќе се овозможи настава за ученици од прво до деветто одделение, кои наставата ќе ја следат соодветни услови.

Училишната зграда се простира на површина од околу 400 квадратни метри, има шест училници кои ги задоволуваат сите стандарди и нормативи за реализирање на воспитно-образовниот процес. Објектот располага и со простории за административно-технички персонал и други помошни простории, како и посебно одвоен простор кој ќе биде на располагање за локалното население.

Дел од просторот ќе можат да го користат месната заедница, разни здруженија, младите, спортските друштва, односно сите што ќе имаат потреба за тоа.

– Инвестициите во образованието, се инвестиции во иднината. Со секоја тула ставена во ѕидот на училиштето, всушност ја градиме нашата иднина, иднина за подобро утре, иднина која ни ветува развој и благосостојба. Секој вграден прозорец е прозорец кон иднината, кон нашите стремежи за откривање на нови работи и вештини, рече Градоначалникот Трајкоски, напоменувајќи дека и во иднина ќе продолжи реализацијата на проектите во областа на образованието.

Инаку од пожарот што во ноември 2011 година го зафати Културниот дом во Лешани, целосно беше изгорена кровната и меѓукатна дрвена конструкција, целосно беше уништена надворешната и внатрешната столарија, а од објектот беа останати само надворешните и делумно внатрешните ѕидови. Санацијата и реконструкцијата опфаќаше изработка на нова армирано-бетонската конструкција, изработена е нова кровна конструкција покриена со ќерамиди, санација на фасадата, поставување на нова фасадна пвц столарија, нова внатрешна столарија, нови санитарни јазли, комплетно нова водоводна-канализациона инсталација, електрична инсталација и инсталација за парно греење, со што објектот ќе добие комплетно нов изглед и ќе се овозможи заштеда на енергија.

Вкупната инвестициска вредност на проектот за реконструкција на основното училиште во Лешани е околу 6,5 милиони денари, од кои 3.000.000,0 денари се обезбедени од Бирото за регионален развој, а остатокот се сопствени буџетски средства.

OhridNews