ОУТУ „Ванчо Питошески“ се вклучи во истражувањето „Однесувањата поврзани со здравјето кај децата од училишна возраст во Македонија“, кое е дел од меѓународната компаративна студија за животот на младите.

Во рамки на студијата, ученици од  140 училишта од Македонија, и од 44 европски и северноамерикански држави  во соработка со Светската здравствена организација, ќе одговараат на истите прашања.

Со истражувањето раководи Центарот за психосоцијална и кризна акција во соработка со Институтот за јавно здравје на РМ и Државниот Универзитет – Тетово, како и со поддршка на Министерството за здравство и Министерството за образование и наука од земјава.

Паралелките се однапред определени и е опфатен по еден цел клас, од прва година (15 години – училишна возраст). Пополнувањето на прашалникот кој беше обемен, траеше 70 минути,а истражувачката постапка гарантира анонимност и доверливот на податоците. Прашањата се однесуваа на општите однесувања и навики поврзани со здравјето како што се физичката активност, диетата, употребата на тутун и алкохол, чувството за себе, социјалните релации, училишниот живот, семејстовото и др.“ – велат од ОУТУ „Ванчо Питошески“.

Студијата ги проучува однесувањата на младите поврзани со здравјето, нивниот животен стил и условите во кои живеат, следејќи го нивното влијание врз здравјето и добросостојбата на децата.

Инаку, податоците од Студијата ќе се искористат за подобрување на програмите и на здравствено-образовните институции за подобрување на животот на младите во Македонија. 

OhridNews