На денешната 48-та седница на Собранието на Р. Македонија  единствена точка на дневен ред е прашањето за доверба на Владата на Република Македонија.

Иницијативата за гласање доверба на владиниот состав предводен од премиерот Никола Груевски ја поднесе пратеничката група на СДСМ. Како причина за интерпелација на Владата, ја наведоа нестабилната политичка ситуација во Македонија.

– Последните настани покажаа сериозна слабост на Владата по прашања за кои не се дозволени грешки, а тоа се меѓуетничките односи. Тоа не говори добро за државата и влева сомнежи за нејзината долгорочна стабилност, образложи завчера на прес-конференција координаторот на пратеничката група на СДСМ Јани Макрадули.

Премиерот Никола Груевски, коментирајќи го ваквиот потег, рече дека не се плаши од поднесената иницијатива за гласање доверба на Владата и оти по позитивното мислење од најголемиот дел од граѓаните, собраниската расправа ќе биде добра прилика да се чуе што мислат и пратениците за работењето на владиниот кабинет.Груевски вели дека Владата се уште има мнозинска паралементарна поддршка што ќе се види на седницата в четврток.

Одлуката за изгласување недоверба на Владата се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Во случај да и биде изгласана недоверба, Владата е должна да поднесе оставка. За изгласаната недоверба на Владата и за поднесената оставка, претседателот на

Собранието веднаш го известува претседателот на државата.
Ако и биде изгласана доверба, повторно прашање за доверба на Владата не може да се постави пред истекот на 90 дена, освен ако тоа не го побараат мнозинството од вкупниот број пратеници.

Претседателот на Владата има право и пред гласањето да му се обрати на Собранието.
Прашањето за доверба на Владата, според Уставот и собранискиот Деловник, може да се повлече до почетокот на седницата на Собранието.