Уредувањето на медиумската сфера ги подели политичките партии потписнички на договорот од Пржино. Во кавгата околу предлозите на европскиот посредник Питер ван Хауте, покрај партиите кои се на дијаметрално спротивни стојалишта, вклучени се и медиумите кои не сакаат да се откажат од парите за емитување државни реклами.

– СДСМ и опозицијата се борат за независни медиуми во Македонија. И малите деца знаат од кој е зависноста на медиумите – од извршната власт. Продолжуваме во борбата да го исполниме овој важен критериум без којшто нема фер и регуларни демократски избори. Очекуваме да има договор за медиумите, за да може до крајот на годината да го видиме видливиот ефект, затоа што ако тоа не се случи ќе бидат доведени фер, регуларноста и демократскиот начин на организирање на изборите. – изјави лидерот на најголемата опозциска партија Зоран Заев на прес конференција денеска во Скопје.

Заев истакна оти во моментот став на СДСМ и негов личен став е дека најголем политички непријател на опозиција се медиумите како што се Сител, Канал 5, Алфа ТВ, Дневник, и МРТ.

-Вие сте медиуми коишто меѓу другото се финансирате и од пари на граѓаните, тоа се мои пари и ваши пари и на опозиционери и на поддржувачи на власта. Се бориме за независни медиуми и секоја меѓународна пракса која што може да најде примена во Македонија, а ќе биде во функција на независни медиуми за нас е прифатлива.-додаде Заев.

Реагираше ВМРО ДПМНЕ, според која СДСМсе обидува да ја укине слободата на говор прогласувајќи ги медиумите за непријатели. 

 Заев и СДСМ денес манифестираа невидена дрскост и деструктивност, немање основен демократски и плуралистички капацитет, истакна на прес конференција Александар Николоски. 

-Мултимилионерот Заев и СДСМ денес ги открија намерите зад тоталитарниот предлог на Законот за медиуми. За Заев и СДСМ медиумите биле нивни непријатели и затоа партијата одлучила дека треба да се пресмета со нив.  Ова однесување на СДСМ и Зоран Заев е срамно, крајно недолично, недемократско, спротивно на сите европски стандарди и конвенции за слобода на изразување и слобода на информирање. Бараме Заев и СДСМ да ги остават банките и медиумите на мира и да престанат со заканите кон секој што не ја дели нивната визија за Македонија која може да се сублимира во еден збор – деструктивност. – рече Николоски.

Тој додаде дека на 24 април Заев и СДСМ веќе ќе немаат со кого да се караат и дека на изборите закажани на овој датум нивната деструктивност ќе биде казнета.

OhridNews