Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за надворешни работи Никола Димитров и државниот секретар во МНР Виктор Димовски, денеска се сретна со министерот за надворешни работи на Република Косово, Беџет Пацоли, придружуван од владина делегација на Косово и амбасадорот на Република Косово, во Република Македонија, Илбер Хиса.

Косовскиот министер за надворешни работи, Пацоли оцени дека премиерот Заев со огромна вештина и достоинство воспоставил едно општество за сите. Со тоа, како што рече косовскиот министер за надворешни работи Пацоли, премиерот Заев покажал како се почитуваат луѓето независно од каква било различност и направил пресврт во односите и почитувањето помеѓу граѓаните во Македонија, за што ја има почитта на целиот регион и светот, вклучувајки ја и Република Косово.

На средбата заеднички е констатирано дека Република Македонија и Република Косово немаат отворени билатерални прашања, што отвора големи можности за унапредување на односите помеѓу двете држави.  Се разговараше за конкретни области во коишто ќе се интензивира соработката помеѓу Македонија и Косово. Тоа се економијата, енергетиката, инфраструктурата, царински олеснувања, поедноставен проток на луѓе и стока. Договорено е владите на Македонија и на Косово да ги поттикнат бизнис заедниците и коморите за поцврста и поактивна соработка, како и реализација на почести средби на високо владино ниво.

Министерот Пацоли рече дека Република Косово ги поддржува НАТО интеграциите на Република Македонија што ќе придонесат кон зацврстување на безбедноста и ќе влијаат на перспективите за целиот регион, а изрази и отвореност за примена на искуства од Македонија во ЕУ интеграциите.  

На средбата се разговарало и за можноста за реализација на средба на највисоко премиерско ниво.

OhridNews