Закон од такво општествено и политичко значење не треба да се носи без присуство на опозицијата во Собранието, ниту пак во скратена постапка, вели во изјава за Фактор универзитетската професорка, Ана Павловска Данева, во однос на новиот закон за јазици што го усвои парламентарното мнозинство на СДСМ и ДУИ.

-Европското знаменце се чини никому не му е јасно зошто му беше прикачено вели Павловска Данева, кој е поранешна потпретседателка на СДСМ и пратеничка од редовите на оваа партија.

Незадоволство од донесувањето на Законот за јазици денеска изрази и Студентскиот парламент при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ кој побара Претседателот Иванов да стави вето. Ги повикуваат народните пратеници да носат закони во согласност со Уставот и додаваат дека владеењето на правото мора да биде главен епитет во работењето, а не, како што велат, шверцерски со знаменце на Европската Унија да се носат антиевропски закони кои ја нарушуваат меѓуетничката хармонија, го суспендираат Уставот и ги рушат основните белези на државата. 

Воедно, од Студентскиот парламент на УКИМ истакнуваат дека ги споделуваат и поддржуваат ставовите и аргументите од отвореното писмо до пратениците што го упатија професорките Гордана Слијановска, Катица Ќулафкова и Симона Груевска-Маџовска.

„Овој закон нема врска со евроинтреграцијата на РМ, ниту значи хармонизација со правото на ЕУ. Овој закон не е приоритетен. Овој закон не е дел од Рамковниот договор, ниту е во неговиот дух. Овој закон не е конкретизација на амандманот 5 од Уставот на Република Македонија. Впрочем, правото на едниот завршува онаму каде што започнува правото на другиот. Законот за употреба на македонскиот јазик налага, меѓу другото, и негова заштита“, наведуваат од СПУКМ, пренесува „Макфакс“.

Понатаму, истакнуваат дека во член 2 од Законот за употреба на македонскиот јазик е утврдено дека: македонскиот јазик е духовно богатство од посебно културно и историско значење на Републиката и додаваат дека, според нив, Законот за јазиците не е соодветен начин за негување, чување и заштита на посебното културно и историско значење на Републиката.

„Овој закон е противуставен, директно ја нарушува унитарноста на Република Македонија, целосно го суспендира Законот за употреба на македонскиот јазик и најдиректно го урива статусот на македонскиот јазик како основа на меѓусебното разбирање“, велат од СПУКМ.

OhridNews