По социјалните медиуми здравствените работници апелираа и сѐ уште апелираат за помош и опрема, едноставно бараат соодветна заштита. Во целата оваа ситуација здравствените работници се оставени сами да се снабдуваат со заштитна опрема, обвинува д-р Кирил Пецаков од ВМРО ДПМНЕ.

  • Итно да се обезбеди фонд од 10 милиони евра за централизирана набавка на опрема за лекарите, маски со стандард ФФП2/3, ракавици и скафандери, и се она што е неопходно да можат да се справат во борбата со коронавирусот, заради тоа што постои ризик лекарите да бидат дополнително загрозени во оваа здравствена криза, наведува Пецаков на својот Фејсбук профил.

Итноста од ваквите мерки Пецаков ја објаснува со податокот што околу 20 проценти од заболените од опасниот коронавирус во Македонија се медицински персонал.

  • Бројката изнесува 210 заболени лекари, медицински сестри и друг помошен персонал или по градови: Охрид, Велес, Кочани, Штип, Куманово, Дебар, Кавадарци, Битола, Прилеп, Демир Хисар, Гостивар, Тетово и Скопје. Не смеевме да си дозволиме да имаме најголем процент на заразен медицински персонал во регионот. А заразени се затоа што не се соодветно опремени. Сето тоа е поради недостаток на опрема спрема препораките за различните нивоа на ризик. Исто така недостасуваат информации и обука за соодветно користење на опремата. Ситуацијата на екраните и извештаите кажува едно, но за жал ситуацијата на терен покажува друго. Пред неколку дена 20-годишна медицинска сестра од Струга заболела од коронавирус откако била испратена во два наврата да придружува позитивни пациенти од КОВИД-19 до Битолската болница без притоа да и биде обезбедена соодветна заштитна опрема. Вчера беше регистриран трет случај со коронавирус на Детска клиника, станува збор за заболена докторка од имунологија. Лекарите на Детската клиника во Скопје стравуваат за своето и за здравјето на своите семејства и затоа се тестираат и по неколкупати на приватни клиники, вели Пецаков.

Додава дека власта мора да обезбеди соодветни ресурси за заштита на медицинските лица. На докторите им треба заштита, комплетна опрема по стандарди на СЗО. Затоа денес нема и не смее да има друг поголем приоритет за министерот Филипче од здравјето на лекарите и медицинскиот персонал. Сѐ друго треба да се остави на страна. Мора да се безбеди здравствена заштита за секого, затоа што секој живот вреди!, пишува Пецаков.

hridNews