Настаните како што се „Ohrid Water Festival“ во рамки на кој е и Охридскиот пливачки маратон, Денот на Езерото, Винскиот фестивал, Охрид Џез Фестивалот, како и Охрид трчаТ придонесуваат не толку за квантитетот на туристи, колку што се добива на квалитет, потенцираше градоначалникот Кирил Пецаков на денешната прес конфереција за четвртото издание на  „Ohrid Water Festival“.

Тие се манифестации коишто ние како локална самоуправа почнавме да ги организираме, веќе растат од година во година, добиваат на бројност и покрај квантитетот којшто можеби и не е толку значаен во вкупната бројка на туристи коишто доаѓаат, сепак добиваме на квалитет, односно туристи коишто покрај Охрид го сакаат и Охридското Езеро и природните убавини коишто ние како град имаме да ги понудиме. Така да, сето она наследство, културно-историско, природните убавини коишто ги поседуваме доаѓаат на сцена кај сите оние туристи коишто сакаат да уживаат. И затоа токму ваквите настани како Фестивалот на водени спортови „Ohrid Water Festival“ и останатите коишто ги набројав, убеден сум и сигурен сум дека допринесуваат во тоа, рече Пецаков.

Во однос на оценка за сезоната истака дека врз основа на она што се гледа е добра, а бројките ќе ги соопштат на крајот на септември врз основа на официјалните статистики податоци.

Меѓутоа, евидентно е оваа година застапеноста на туристи коишто ретко доаѓале во градот. Поврзаноста којашто ја имаме со охридскиот аеродром, новите линии коишто се отвораат и лесниот пристап до Охрид на сите оние коишто сакаат да го посетат, веќе оваа година може да кажам дека е забележливо и во самите објекти, туристички капацитети, плажи и секаде онаму каде што се застапени туристите, додаде Пецаков.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска