Со низа свечености, културни и други настани, Охрид ја одбележува 82-годишнината од ослободувањето од фашизмот. Централниот дел од празничната програма започна вечерва со свечена академија во Центарот за култура „Григор Прличев“, на која се обрати градоначалникот Кирил Пецаков.

Во своето обраќање, Пецаков потсети на историското значење на 7 Ноември 1944 година, оддавајќи им почит на борците и на сите учесници во Народноослободителната борба кои ги положија своите животи за слободата на Охрид.

Зад оваа голема историска победа стојат човечки судбини кои не смееме да ги заборавиме. Стојат имињата на борците кои го положија највредното што го имаа, сопствениот живот. Нивната борба не била борба за лична слава, туку борба за татковината и достоинството, истакна Пецаков.

Тој порача дека слободата не е само историско наследство, туку и одговорност на сегашните генерации, кои имаат обврска да ја чуваат и да создаваат подобри услови за живот.

Слободата се чува со мудрост, одговорност и единство. Затоа, 7-ми Ноември не треба да биде само ден на сеќавање, туку и ден за преиспитување на нашата одговорност кон градот, кон државата и кон идните генерации, нагласи градоначалникот.

Посебен акцент во обраќањето стави на потребата љубовта кон Охрид да се покаже преку конкретни дела, грижа за културното и природното наследство и одговорно управување со ресурсите.

Нашата љубов кон Охрид не смее да се мери само со зборови и емоции. Таа мора да се потврдува со дела. Со грижата за неговото културно и природно богатство, со создавање на подобри услови за живот и со одговорно управување со сите ресурси што ни се доверени, рече Пецаков.

Говорејќи за иднината на градот, тој ја истакна визијата Охрид да се развива како град на можности и просперитет, во кој младите ќе ја гледаат својата иднина.

Верувам дека со заедништво, работа и искрена посветеност можеме да оставиме вредни дела. Нашата визија е Охрид да биде град на можности, напредок и просперитет, град во кој младите ќе гледаат својата иднина, а секоја генерација ќе има причина да остане, да создава и да придонесува за неговиот развој, порача Пецаков.

Свечената академија беше збогатена со музичко-сценскиот перформанс „Охрид е песна“, со учество на охридски музички уметници, солисти и ученици.

Празничната програма продолжува 

Одбележувањето на Денот на ослободувањето продолжува утре, 7 Ноември, со повеќе настани.

Од 10 до 11 часот е предвиден регионален параглајдинг-перформанс во рамки на „Ohrid Fly Festival“, а во 10:30 часот, во просториите на шаховскиот клуб „Ласкер“ во ООУ „Братство Единство“, ќе се одржи шестото општинско првенство во шах по повод празникот.

Централното чествување ќе се одржи во 11 часот во Спомен-паркот на револуцијата, каде што ќе биде положено свежо цвеќе во чест на борците и ослободителите на Охрид. Предвидено е и обраќање на претставник на Сојузот на борците од Охрид и Дебрца.

Во 17 часот, во НУ Библиотека „Григор Прличев“, ќе биде промовирана книгата „Охридски книжевни критичари“ од едицијата „Охридско книжевно наследство“, на авторите проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски.

Празничната програма ќе заврши во 19 часот со отворање на фотографската изложба „Охрид – светско наследство низ објективот“, во организација на Фото клуб Охрид, во Куќата на Робевци.

На 7 Ноември 1944 година Охрид беше ослободен од фашистичката окупација, датум кој останува трајно врежан во историјата на градот како симбол на слободата, антифашистичката борба и жртвата на генерациите што се изборија за неа.

OhridNews

Фото: Општина Охрид