Во Галичник, денеска по 46 пат се одржа традиционалната манифестација „Галичка свадба“, на која судбоносното Да го кажаа младенците Огнен и Марина. На манифестацијата присуствуваше претседателот на дравата, кој е нејзин покровител. Тој истакна дека Галичката свадба е многу важен дел од мозаикот на нашето мултиетничко општество која ги чува и потсетува на автентичните обичаи,  разнобојните носии, на свадбарските песни и мијачкиот фолклор.

Пред многу години на Петровден во Галичник имало и по четириесет венчавки во црквата „Св. Петар и Павле“, а денеска сме сведоци на заветот на Огнен и Марина. Им посакувам многу слога, љубов и разбирање во нивниот иден заеднички живот. Посакувам радоста на едниот да се придодаде на другиот, а бремињата да им бидат двојно полесни, зашто бремето на едниот ќе го носи и другиот. Им посакувам да добијат и прекрасни дечиња со кои заедно ќе се радуваат. Нека им е со среќа! – истакна Пендаровски.

Претседателот изрази надеж дека манифестацијата ќе инспирира и многу други млади луѓе, кои имаат потекло од живописниот Галичник, да ја продолжат оваа прекрасна традиција која ја збогатува и пошироката европска култура.

Сметам дека не треба да се задоволуваме со неколкудневна манифестација што ќе се одржува само на едно место, или само еднаш во годината. Да ги користиме овие манифестации како можност за оживување на руралните места низ земјата, да го развиваме алтернативниот туризам, да инвестираме во органското производство на храна, и со тоа да им нудиме несекојдневно искуство на домашните и на странските гости. Убеден сум дека потенцијалите се огромни, само треба да бидеме како галичаните – креативни, трудољубиви, храбри и убави се разбира. – додаде претседателот Пендаровски.

OhridNews