За жал, заклучоците на Советот не се во согласност со нашите оправдани очекувања и сигурно не се во рамките на претходните најави на самата Унија. Разбирливо е што во овие моменти кај многумина постои чувство на разочараност, меѓутоа, емоциите на страна, мораме трезвено да се соочиме со новата реалност, рече во своето обраќање до јавноста претседателот на државата Стево Пендаровски, по повод неуспехот да се добие датум за започнување преговори со Европската унија.

  • Неспорно е дека ги исполнивме сите предуслови за почеток на преговорите и тоа беше констатирано на претходната средба на Советот во јуни, кога без други забелешки, беше заклучено дека од технички причини поврзани со временскиот лимит, по штотуку завршените евро-избори, одлуката ќе биде донесена на самитот во октомври. Сите информации што ги имавме за разговорите, пред и за време на самитот, неспорно зборуваат за концепциски разлики меѓу носечките држави членки на ЕУ во однос на процесот на проширувањето, рече Пендаровски додавајќи дека идејата за обединета Европа е право на сите Европејци и тоа никој не може да им го одземе. „Ние сме европска држава и имаме право да бидеме дел од заедничкиот европски дом“, додаде претседателот.

Пендаровски потенцира дека нашата земја не треба да биде само формално членка во унијата, туку реално да го усвоиме системот на вредности и нивна примена во секојдневниот живот на граѓаните.  Како што рече, реформите во многу области, а особено функционирањето на правната држава, мора да продолжат и да се интензивираат без никакви калкулации.

  • Справувањето со организираниот криминал и високата корупција не се само услов за интеграциите, тие се, многу повеќе, нужност за опстојувањето на еден оддржлив правен поредок. Европските стандарди треба да станат домашни стандарди. Ако нашите луѓе не видат европски стандарди на живеење, само формалното членство во Унијата не му е никому потребно.  Независно од заклучоците на Советот на ЕУ, договорите што ги постигнавме со нашите соседи Бугарија и Грција мораме да продолжиме да ги спроведуваме, онака како што е договорено, со фер пристап од сите страни, бидејќи тие се темел на добрососедските односи, но и на регионалната соработка и стабилност, рече претседателот.

Повика, незадоволство да не се насочува кон одредени земји членки на Унијата, и граѓаните да се обединат околу иднината на земјата.

Информира дека упатил покани за лидерска средба до претседателите на најголемите парламентарни политички партии и од власта и од опозицијата и дека поканата од сите била прифатена.

OhridNews