Слободата е највисокиот идеал и цел на еден народ. Таа започнува како идеја на една генерација која сака да биде своја на своето и самата да одлучува за својата иднина, истакна претседателот Стево Пендаровски во видео обраќањето по повод 2 Авуст – Денот на републиката.

На 2 август 1903-та, борбата за слобода ја започна револуционерната илинденска генерација која во епохата на монархии прогласи демократска република, а во времето на тесногради национализми реши да гради соживот меѓу различните, порача Пендаровски.

Во видео обраќањето, Претседателот додаде дека борбата за слобода ја продолжила славната антифашистичка генерација која ги надминала пропагандите и поделбите и се сплотила околу идејата за слободен народ во своја, слободна држава.

Како што сведочи и Манифестот, на 2 август 1944-та, делегатите на АСНОМ го остварија сонот за слободна македонска држава во која сите нејзини граѓани се еднакви и рамноправни пред законите, независно од нивните разлики и уверувања потенцираше Пендаровски и порача дека еднаш добиена слобода мора да се одржува преку посветена работа на секоја нова генерација.Потсети, дека годинава прославуваме 30 години од независноста, години во кои, како што рече, имавме и подеми и падови, три децении на успеси, но и на бројни надворешни и внатрешни искушенија кои предизвикаа длабоки кризи и поделби.

Во овие времиња на неизвесност за нас, но и за целиот свет, ќе мора одново да ги надминеме внатрешните поделби и да се обединиме околу изворните илинденски и АСНОМ-ски идеали. Да ја вратиме довербата на граѓаните во државата преку јакнење на демократските институции и владеењето на правото. Да им овозможиме на младите тука да го градат својот свет и да ги почитуваме различните од нас, како претпоставка за општество на рамноправни граѓани. Слободата се раѓа како идеа, се стекнува со борба, а се одржува преку напорите на секоја генерација, на секој еден од нас. За многу години Илинден! Да ни е вечна и вековита републиката – Северна Македонија!, наведе претседателот во својата илинденска честитка