Концесионерите на плажите на охридското крајбрежје велат дека се изненадени од одлуката на Владата за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба, која се однесува на плажите кои биле предмет на закуп, a која предвидува концесионерите чии договори се истечени или раскинати задолжително да ги вратат плажите со кои стопанисувале во првобитна состојба.
Ова е срамота. Точно е дека концесиите на нас не ни се средени, но не по наша вина. Последната наша концесија заврши во 2017 година, оттогаш ние чекаме да се среди ова прашање, дали со наддавање или доделување. Ние сме подготвени да ги прифатиме одлуките на општината, но не се најде за овие 3-4 години решение за тој проблем и сега наеднаш дојдовме во ситауација во која се најдовме. Во оваа криза издржавме, аплициравме за мерките за помош од владата за фирмите погодени од Ковид 19, добивме и сега не знам како ќе ги враќаме и тие средства бидејќи не ќе можеме летово да ги задржиме вработените, ќе треба и таа помош ама и кредитите што ги зедовме да ги вратиме. А тоа не се мали средства. – вели Димитри Пендовски, концесионер на плажата „Потпеш“.

Мене ме боли што никој не размислува за развојот на Охрид, за туризмот, туристите и бенефитите за државта. Кои се бенефитите од плажите видовме, Охрид доби извонредна понуда, гостите беа задоволни. Штом државата се решила на ваков чекор, иако не знам како после ваква зима и ваков период го најде овој момент, ние ќе ја почитуваме одлуката без разлика на финансиските импликации. За жал најмногу ќе изгубат вработените, градот Охрид како понуда и државата во однос на финансиските средатва коишто секоја година ги уплаќаме по основ на даноци и придонеси. – додаде Пендовски.

Овојпат принудени сме, затоа што ова е Уредба со законска сила, да ги урнеме објектите изградени според проекти од државата и да ги вратиме плажите во првобитна состојба. Ќе видите навистина за десеттина дена како ќе изгледа тој простор како што изгледаше кога го презедовме и навистина ќе го вратиме како некогаш со сето ѓубре меѓу кое беше и еден германски шлем од светските војни. – резигнирано изјави Пендовски.

Веројатно ќе имаме некакви состаноци и ќе се обидеме да стапиме во контакт со одговорните, но не гледам простор за друго решение затоа што уредбата е кратка и јасна, во само два члена, и ќе мора да постапиме по неа, но не е само тоа. Едноставно ни се смачи, ние години сме обвинувани како криминалци, како нешто да земаме од народот, како да го рушиме рејтингот на Охрид. Точно е имаше меѓу нас колеги кои не постапуваа коректно, но не е коректно ако некој згрешил сите да се казнат. – рече Пендовски.

Преку лето вработувавме 40 лица. Во текот на зимата на платен список задржавме 12 лица иако не работевме. Некој треба да размисли дека штетата што ќе се направи од овие избрзани чекори не ќе може да се надомести долги години. Некој треба да се свести и да го гледа развојот на Охрид. – истакна Пендовски.
OhridNews
Фото: Архива











