Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, оствари работна средба со претседателот на Стопанската комора на Република Северна Македонија, Бранко Азески, на која се разговараше за унапредување на соработката помеѓу министерството и Комората, со посебен акцент на тековните активности кои во моментот се спроведуваат во делот на локалниот економски развој и инфраструктурните инвестиции кои се можност за подобрувањето на условите за работа на компаниите на локално ниво.

Во фокусот на разговорите беа повеќе значајни теми поврзани со процесот на децентрализација, изнаоѓање на начини за заедничкото користење на фондови, како и можностите за продлабочување на соработката на Комората со општините и планските региони.
Локалната самоуправа претставува важен партнер во создавањето поволна и предвидлива средина за развој на приватниот сектор, особено преку ефикасно спроведување на надлежностите, поквалитетни услуги и создавање подобри услови за работа и развој, изјави министерот Перински.

Во таа насока беше истакнато дека секој скратен рок, секоја поедноставена постапка и секоја електронска услуга значат поефикасни институции и подобра деловна клима за компаниите. На средбата се разговараше и за активностите поврзани со ажурирање на базите на даночни обврзници, при што беше потенцирана важноста од воспоставување фер и транспарентен систем, подобрување на наплатата на локалните приходи и нивно насочување кон услуги и инфраструктура што директно им се враќаат на граѓаните и компаниите, истакнуваат.
Во делот на рамномерниот регионален развој, додаваат, беше отворено и прашањето за учеството на бизнис заедницата во процесите на планирање и креирање политики на локално и регионално ниво.
Притоа беше истакнато дека бизнис заедницата е вклучена уште во фазата на подготовка на развојните политики преку свој претставник во Советите за развој на планските региони, со што се овозможува нејзино активно учество во креирањето на регионалните приоритети и развојни насоки. Министерот Перински истакна дека Министерството за локална самоуправа останува да поддржува иницијативи што ќе придонесат кон поефикасни општини и подобри услуги за граѓаните и компаниите, додаваат.
OhridNews













