Плажите ќе мора да затворат, а летните тераси да не се користат, доколку брзо не се изнајде решение за блокадата во работата на локалните самоуправи предизвикана од политичката криза. Градоначалникот Никола Бакрачески чиј мандат истече на 15 мај, истакнува дека до крајот на јуни истекува концесискиот договор на плажите. До тогаш треба да биде продолжена концесијата на плажите пред хотелите и да се распише нов конкурс за издавање на плажите.

–Секако дека времето не притиска, не дека локалната самоуправа не ги подготвуваше овие постапки, меѓутоа во овој дел се запрени. Законот е јасен доколку е истечен концесискиот договор тие немаат право понатака да ги користат плажите под концесија доколку не е завршена постапката за објавување на оглас за повторно издавање на плажите под закуп. – вели Бакрачески.

Исто така нема да може да се издаваат решенија за поставување на урбана опрема, бидејќи нема кој ги потпише потребните решенија согласно одлуката што ја носи градскиот совет, појаснува Бакрачески. Тој изрази надеж дека политичките партии брзо ќе изнајдат решение за настанатата ситуација, во спротивно последиците можат да бидат сериозни.

-Да се состане брзо законодавната комисија во парламентот по што пратениците ќе ги изгласаат измените во изборниот законик со кои ќе се продолжи мандатот на градоначалниците и на советите, со што ќе се надмине овој правен вакум кој доколку трае подолго време и тоа како може да наштети на општото живеење на граѓаните.- рече Бакрачески.

Дека политичката криза негативно може да се одрази на туристичката сезона покажуваат резултатите од анкетата што за свои потреби изминатиот период ја спроведе OhridNews. 

Вакумот во функционирање на локалните самоуправи ќе се одрази негативно на севкупното живеење предупредува Бакрачески, посочувајќи дека секој еден документ кој зависи од потписот на градоначалникот не може да се спроведе, вклучително и претходно донесените одлуки на советот кои се обврзувачки, како и други процедури, решенија и согласности кои се во надлежност на општините. 

Г.М.

Следно анкетно прашање: Дали на делницата на која се гради автопатот Охрид – Кичево има доволно безбедносна сообраќајна сигнализација?