Зголемувањето на цените на услугите на јавните претпријатија „Водовод“ и „Нискоградба“ за следниот тригодишен период предизвика бурни реакции и жестока дебата меѓу советниците на седумнаесеттата седицата на Советот на Општина Охрид. Додека опозициските советници остро реагираа дека станува збор за уште еден директен удар врз семејниот буџет на охриѓани кој ќе донесе последователни поскапувања до 2029 година, раководствата на претпријатијата појаснија дека корекцијата е законска обврска диктирана од Регулаторната комисија врз основа на реалните трошоци и бизнис-плановите.

Од доставените материјали може да се заклучи дека не станува збор само за едно поскапување, туку денес гласаме за три последователни поскапувања, рече советникот Јане Тодороски.

Конкретно цената во ЈП Водовод во 2027 ќе поскапи за 8%, во 2028 ќе поскапи за околу 11%, а во 2029 ќе поскапи околу 16% во споредба со сегашните цени. Значи граѓаните во 2029 година ќе добиваат за 16% повисоки цени од сегашните. Истото и кај ЈП Нискоградба, во проценти отприлика приближно се тука. Исто така и кај правните лица се зголемува цената на водата по метар кубен и фиксниот надомест, во 2029 кога ќе завршат сите овие поскапувања, цената на водата на сметката за вода ќе биде за 20% поголема за разлика од сегашната. Во исто време, двете јавни претпријатија константно покажуваат добивка, па затоа прашање е дали треба да се оди во оваа насока, праша советникот Тодороски.

Нема да ја прифатам, мислам нема да гласам за оваа точка, ќе гласам против и ниту како советник, ниту како граѓанин не ги прифаќам овие поскапувања, рече советничката Виолета Аврамоска.

Сметам дека треба да се побара друга алтернатива. Затоа што навистина ова е преголемо оптоварување. Веќе како да ни стана навика секоја година да ги поскапувате цените на услугите во јавните претпријатија. Така што сметам дека требаше да се побара, директори, вие може ќе оправдувате нормална економската ситуација и сите тие работи, меѓутоа сметам дека ова е последната алтернатива што треба да ја преземите. Секогаш постои некој друг излез, а не се да е на товар на грбот на граѓаните, потенцираше.

Овие две јавни претпријатија, особено ЈП Нискоградба, и тоа е за поздравување, работат позитивно со месеци и години, рече советникот Ванчо Костоски.

Нискоградба две години е со позитивна финансиска сметка, значи ги завршува годините и тоа е добро, меѓутоа не гледам причини при таква финансиска состојба на јавно претпријатие да одиме кон зголемување на цените. Ова е само уште еден товар за граѓаните и оние мали привилегии што им ги дадовте на граѓаните општо со зголемување на минималната плата и на пензиите се стопија од секојдневното поскапување во секојдневниот живот и живеење на граѓаните на Охрид и на Република Македонија. Мислам дека ваква одлука не би требало да се примени овој момент, потенцираше.

Ова е уште еден директен удар врз џебот на охриѓани, ново поскапување на цените на услугите на јавните претпријатија и како социјалдемократи никако не можеме и нема да се сложиме со донесување на ваквите одлуки, рече советниката Лидија Неданоска.

Повторно со многу голема леснотија носите една ваква одлука која што е удар врз финансискиот буџет на семејствата во Охрид. ​И сметам дека тоа дополнително ќе ги оптовари граѓаните со тоа што доаѓа зима. Нормално и цените на електричната енергија ќе одат нагоре, а со тоа на граѓаните ќе им биде и тоа како тешко да врзат крај со крај. Затоа од тие причини ги повикувам колегите советници од владејачкото мнозинство да гласаат против ваквата одлука бидејќи сите во предизборната кампања ветувавме на граѓаните подобар живот. Вие ја добивте можноста да ја практикувате локалната власт, да носите одлуки, па сега како советници можете да изгласате против донесување на ваквата одлука за поскапување на цените на водата и на Нискоградба и да се донесе некоe ново решение доколку е потребно претпријатијата да имаат дополнителен профит. Ве замолувам да ја преиспитате оваа одлука и како советници имате право да донесете одлука спротивна на онаа што ја донесле во Регулаторната комисија, посочи Неданоска.

Директорот на ЈП Водовод Охрид Марјан Ристески посочи дека решенијата за регулирани цени коишто ги носи Регулаторната комисија се за тригодишен период согласно законската регулатива врз основа на претходно изработен бизнис план од страна на јавните претпријатија во кој што ги наведуваат реалните трошоци.

Одлуката може да не се изгласа сега тука од советниците. Постапката е дека ако не ја изгласа одлуката Советот, истата се доставува повторно до Регулаторна комисија и во рок од 150 дена Регулаторна комисија ќе ги донесе истиве цени, може и повисоки од она што се сега, бидејќи секој пат Регулаторна ги дава максималните цени на јавните претпријатија како би можеле тие да функционираат. Значи, дали ќе се изгласа сега одлуката и дали ќе се изгласа од Регулаторната комисија е едно исто затоа што методологијата за утврдување на цената ја прави Регулаторна врз основа на трошоците во базната година. Базна година беше 2005 за овие трошоци. Точно е дека ова јавно претпријатие заедно со ЈП Нискоградба во последниот период остварува позитивно работење, односно позитивни финансиски извештаи и токму заради тие финансиски извештаи цената е ваква каква што е, односно поскапувањата се 3 денари за 27та, 1,27 денари за 28ма и 2,5 денари за 29та година, потенцираше Ристески.

Согласно направените анализи, истакна Ристески, ако едно просечно семејство троши некаде отприлика 10 до 15 кубици, а поскапувањето е по 3 денари, месечно ќе плаќа 30 денари повеќе.

Директорот на ЈП Нискогрдба Александар Трпеноски појасни колку ќе постакап услугите на ЈП Нискоградба посочувајќи дека варијабилниот надоместок се зголемува за 0,26 денари за 2027 година, а фиксниот за 2 денари или во проценти 1,67 со 2,67.

Тоа за ЈП Нискоградба би значело околу 100-150.000 денари месечно при 100% наплата или годишно околу милион и пол денари. ЈП Нискоградба е толку стабилно што 150 или 100.000 или 200.000 и милион денари не ни значат. Работиме со позитивна финансиска сметка. Едноставно законски и ние и вие сте обврзани да одлуката поминеме на Совет. Ако ние како директори не ги донесеме овие тарифи на Совет или не помине на управен, следува кривична одговорност. Значи тоа е законски одредено. Во однос на субвенциите за јавните претпријатија, Нискоградба две-три години назад нема земано никакви субвенции, а годинава зедовме и тие не се за сервисирање плати, туку за подобрување на возниот парк, додаде Трпеноски.

По исцрпната дискусија, одлуките беа усвоени од страна на Советот со 16 гласа „за“, еден „воздржан“ и шест „против“.

Н.С.Ј.