Поплавите во Србија, БиХ и Хрватска и големите штети кои ги претрпеа жителите од поплавените подрачја, се главната причина поради која голем број охриѓани во последните неколку недели пројавиле поголем интерес за осигурување на својот движен и недвижен имот од несреќи.  

Агентите за осигурување кои работат во охридскиот регион велат дека освен што се интересирале за начинот и цената на осигурувањето, деновиве голем број охриѓани склучиле и договори за осигурување од основни ризици.

-Во моментов имаме промотивна акција за осигурување на имот. На пример за осигурување на еден стан од 50-тина метри квадратни, со мебелот и покуќнината заедно, од основни ризици, како што се пожар, поплава и природни непогоди, сопственикот  треба да плати од 1.500 до 2.000 денари годишно. Пониска е цената за редовните клиенти кои веќе имаат осигурителни полиси во нашата компанија. Ова е мала сума во споредба со онаа што осигурителната компанија би му ја исплатила, доколку неговиот дом претрпи штета, вели агент за осигурување на една осигурителна компанија, која има филијала во Охрид.

Тој објаснува дека иако во Охрид има голем број на домаќинства и имоти, бројот на склучени осигурителни полиси во текот на една година, не е на очекувано ниво.

-Причина за оваа состојба е нискиот животен стандард, но и неинформираноста на граѓаните за важноста на осигурувањето и што тоа обезбедува. Исто така, врз оваа незаинтересираност влијае и тоа што во нашата земја нема традиција за користење на осигурителни полиси, каква што постои во земјите од Западна Европа, вели нашиот соговорник.

Според евиденција на осигурителните компании, најчесто се склучуваат полиси за задолжителни осигурувања, за кои постои законска обврска.

-Најголем број на осигурителни полиси се склучуваат за осигурувањето од автоодговорност, кое е задолжително при регистрација на моторните возила и здравственото-патничко осигурување, кое е задолжително при патувањата надвор од Македонија. Исто така почесто се склучува и Каско осигурување, кое е задолжително при купување на возило на кредит или лизинг, велат од филијалите на неколку осигурителни компании во Охрид.

Од таму објаснуваат дека куќите, становите, дуќаните, фабриките и другиот вид на недвижен имот, охриѓани го осигуруваат само во случај на хипотекарен кредит.

ожеби повеќе од 70 проценти од склучените полиси за осигурување на имот во Охрид, се склучени поради тоа што имотот е ставен под хипотека, заради подигање на кредит. Значи и овој вид на осигурување е поттикнато од задолжителна процедура и нема поврзаност со желбата на граѓаните, велат  агентите за осигурување.

Покрај малиот интерес за осигурување на имотот кај приватните лица, на подрачјето на Општина Охрид ретки се и јавни објекти и установи кои имаат полиси за осигурување од несреќи.

Е.М