Акцијата за отстранување на платформите се прошири и на струшкиот дел од Охридското Езеро. Од утрово се отстранува платформата на познатиот ресторан Версус. Предвидено е да се отстранат вкупно шест платформи во градот, но не и оние во Радожда.

Тие платформи не се во ваков стил. Тоа е крајбрежје каде што било и ќе биде и понатака дел од развојот на село Радожда. – изјави денеска градоначалникот на Струга Рамиз Мерко.

Акцијата за остранување на платформите од Езерото во струшко почна од ресторанот Версус

Акцијата за отстранување на платформите од езерото во Струга уследи само два дена по последната јавна изјава на градоначалникот Мерко, дека градот чека насоки од надлежните институции на централно ниво што го загрозува статусот на УНЕСКО, а што не, затоа што, како што рече, не е може се да не чини.

Ние чекаме Министерството за транспорт и Владата да донесат план што ќе правиме понатаму. Централните власти треба да ни помогнат во делот на заштитата и задржување на статусот на заштитено подрачје. Нека дојдат од Скопје и да почнеме со ред, што чини, а што не, не може ништо да не чини. – изјави викендов за регионалната телевизија Ал Џезеира градоначалникот Мерко. 

Денеска, пак, тој рече дека платформите в долж езерото иако не се дивоградби ќе бидат отстранети од солидарност кон Охрид, односно Струга да не биде причина регионот да го изгуби статусот на УНЕСКО.

Не сакаме ние да бидеме „црна овца“, се солидаризираме со Охрид за да продонесеме да се приближиме до УНЕСКО, односно да може да се инвестира уште повеќе во овоие градови кои се важни не само за државата туку и пошироко. После оваа наша солидарност чекаме од државата и од Комисијата за УНЕСКО да ни даде план за подобар развој. Овде нема дивоградби а ова што го правиме го правиме доброволно и солидарно. – рече Мерко.

Сопствениците сами ги отстрануваа платформите, а објектите нема да се уриваат, иако нивните договори за концесија се истечени, бидејќи, како што рече Мерко, плаќале такса според издадените одобренија од 2010 година.

Сами пристапивме кон отстранување иако сметаме дека ова требаше да се случи по завршување на сезоната. Ова е еден атрактивен дел во градот со убави уредени плажи, атракција за туризмот. – вели Галип Османоски сопственик на ресторанот Версус.

Акцијата заедно со Мерко ја следеа вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и министерот за Информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, кои во рамки на „Зелената агенда“ на ДУИ, направија обиколка на објектите на брегот од Охридското Езерото.

ОhridNews