Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) во рамките на инспекциска постапка утврди дека на потегот меѓу Хотел Далјан и Дом за стари лица во изградба, на површина од 964 квадратни метри на брегот од Охридското Езеро и во самото езеро, фрлен е градежен шут и насипана е земја од ископ на темели од непозната локација. Во координација со Министерството за внатрешни работи, пронајден е сопственикот на земјиштето и против него е покрената кривична пријава.

Со цел санирање на крајбрежјето, Инспекторатот поднел и Информација за влијанието на нелегалното насипување на земја и шут на брегот на езерото во населба Далјан и за итно враќање на крајбрежјето во првобитна состојба.

Имајќи го предвид мислењето на Хидробиолошки завод од Охрид дека „нелегалното насипување на земја и шут на брегот од Охридското Езеро во населба Далјан има негативно влијание врз Охридското Езеро, особено врз квалитетот на водата и седиментот, врз живиот свет во езерото, неговиот биодиверзитет, оплитувањето и други негативни последици на овој значаен акватичен екосистем“ очекуваме Владата да ги задолжи Министерството за транспорт и врски и Општина Охрид да го отстранат насипот и да го санираат крајбрежјето, соопшти ДИЖС.

До надлежното Јавно обвинителство Охрид, како што посочија, е доставена кривичната пријава за понатамошно постапување по случајот.

Уништувањето на природното наследство е недозволиво, а виновниците мора да сносат одговорност, додаваат од Инспекторатот.

OhridNews