Во Велестово вечерва по јубилеен, дваесети пат, ќе започне културната манифестација „Поетска ноќ во Велестово“.

Манифестацијата ќе започне со портрет за Славе Ѓорѓо Димоски за кој ќе говори Кристина Николовска, а стихови ќе читаат Кирил Ристоски, Влатко Илиевски, Трајанка Илиевска – Таци, Викторија Степановска и Маја Андоновска. Годинава ќе биде  отворена и изложба на тема “Александар Македонски” од авторите Сергеј Андреевски и Дик Робертс.

За прв пат оваа година Поетската ноќ во Велестово ќе се одржи во два дена. На 16-ти август свечено ќе биде пуштен во употреба Домот на културата во Велестово што комплетно го санираше Локалната самоуправа, а напладне е закажан поетски митинг, а подоцна е предвидена промоција на монографиите “Црквата Успение на пресвета Богородица” и “20 години Поетска ноќ во Велестово”.

Јубилејната “Поетска ноќ” ќе биде заоружена со претставата “Вака, вака и вака…итн. и др. и сл. ” според текст од Петре М.  Андереевски што ќе ја играат студентите од Факултетот за драмска уметност во класата на професорот  Владо Цветановски и доцент Мими Таневска.

Ohridnews