Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот заедно со државите од Централна и Југоисточна Европа потпиша меморандум за подобра туристичка промоција со Народна Република Кина. На конференцијата што се одржа во Будимпешта, од македонска страна меморандумот го потпиша директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Кристијан Џамбазовски.

Како што соопшти вчера Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Џамбазовски изразил подготвеност следната година Македонија да биде домаќин на ваква конференција со која ќе се овозможи обединување на туристичката понуда на земјите од Централна и Југоисточна Европа на кинескиот пазар, пренесе МИА.

Во насока на зајакнување на соработката во туризмот во ноември минатата година, Џамбазовски во Кина се сретнал со Сао Кивеи од Националната туристичка администрација. Тогаш била потврдена поддршката за македонското присуство на кинескиот туристички пазар, а веќе се изготвени и промотивни материјали на кинески јазик.

Туристичките аранжмани од кинеските туристи  за европските земји се повеќе се зголемува. Минатата година, 7,5 милиони кинески туристи ја посетиле Европа, а 2,5 милиони од нив престојувале во земјите од Централна и Југоисточна Европа. Се предвидува дека до 2018 година државите од Централна и Југоисточна Европа ќе бидат посетени од 3,7 милиони кинески туристи годишно.

OhridNews