По порастот од над илјада новозаболени од Ковид-19, вчера Министерството за здравство регистрираше 541 нов случај на корона вирусот од направени 2.789 тестирања. Во Охрид е регистриран 21 нов случај, а повеќе од половина од новодијагностицираните случаи се во Скопје. Починаа 19 лица на возраст од 55 до 89 години.
Во земјава е воведен полициски час и е забрането движење во периодот од 22 часот навечер до 5 часот наутро, но сепак, голем е бројот на оние кои го прекршуваат. Според Министерството за внатрешни работи, во изминатото деноноќие 32 лица не ја почитувале забраната за движење, а 564 лица не носеле заштитни маски, иако тоа е една од препораките за да се спречи понатамошното ширење на вирусот.

Во изминатите две деноноќија затворени се пет правни субјекти, три во Скопје, од кои една игротека во која беше затечена роденденска прослава и два угостителски објекти каде беше затечена состојба спротивно од Законот за заштита на населението од заразни болести. Во истите беа затекнати голем број на гости кои не седеа по четворица на маса, послужување на пијалаци на шанк, играње и групирање спротивно на Одлуката, изјави за МИА Александра Котели од Државниот пазарен инспекторат.

Во едниот од нив е затечена музика со бенд, а кај другиот зголемен број на гости. Кај сите субјекти е постапено на начин што истите се затворени привремено и издадени се прекршочни платни налози. Постапките се во тек, изјави Котели.
Дел од затворените објекти се и стриптиз бар во селото Крушопек, угостителски објект во ТЦ „Мавровка“ и локалите „Интермецо“ и „Три кичен“ во Скопје.

Вкупната бројка на Ковид дијагностицирани лица во државата од почетокот на епидемијата изнесува 112.646. Бројката на оздравени е 97.687, на починати 3.319, а на активни случаи 11.640. Досега се направени 566.183 тестирања.
OhridNews











