Полициски службеници за превенција при Регионалниот центар за гранични работи Запад во содејство со полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Охридско Езеро и претставници на Општинската организација на Црвен крст од Охрид реализираа превентивна активност во водите на Охридското Езеро.

Притоа, беа остварени непосредни контакти со туристите, посетителите, локалното население и лицата кои престојуваа на езерото со различни видови пловни објекти, информираат од МВР.

Целта на активноста беше подигнување на јавната свест за опасностите што ги предизвикуваат екстремно високите температури, како и јакнење на безбедносната култура и информирање на граѓаните за правилното и одговорно однесување при престој на вода во текот на летната туристичка сезона. На граѓаните им беа дадени совети за заштита од топлотен удар, сончаница и дехидратација, со препорака да избегнуваат подолг престој на директно сонце во периодот кога температурите се највисоки, редовно да внесуваат течности, да користат заштитна опрема од сонце и да посветат особено внимание на безбедноста на децата, постарите лица и лицата со хронични заболувања, посочуваат.

Воедно, велат била потенцирана потребата од совесно управување со пловните објекти, почитување на правилата за пловидба, користење на сигурносна опрема и елеци за спасување, избегнување управување под дејство на алкохол, како и воздржување од ризично однесување кое може да ја загрози личната и безбедноста на другите учесници на вода.

OhridNews

фото. МВР