Галерискиот простор на Куќата на Уранија – МАНУ синоќа беше претесен за бројните почитувачи на уметноста на Јордан Манасијески, колеги уметници од земјава и странство, пријатели и гости кои дојдоа на отворањето на неговата изложба „Уште една средба со светлината“.
Во специфичниот амбиент на Уранија беа поставени оригинални дела создадени во последните две години – ново поглавје од творечкиот пат на Манасијески во кој светлината, духовноста, бескрајот и човековото постоење повторно се испреплетуваат во препознатливиот ликовен јазик на охридскиот уметник.
И местото на изложбата имаше своја симболика. Токму во Уранија, пред 35 години, во 1991 година, започнале изложбените активности на Манасијески, пред неговите дела да го продолжат патот кон големите светски уметнички центри. На тоа потсети Љупчо Жупан од Галерија „Букефал“, на отворањето на изложбата што се одржа на платото пред Лапидариумот.
Жупан уште на почетокот, во една реченица, можеби наједноставно ја опиша суштината на она што публиката имаше можност да го види.
Неговото дело не бара да биде видено – тоа бара да биде почувствувано, рече Жупан, посочувајќи на исклучителниот творечки сензибилитет и препознатливиот личен јазик на Манасијески, чија репутација одамна ги надминува границите на Македонија.
Тој потсети и на дел од меѓународниот пат на уметникот – номинацијата за Гран при на Есенскиот салон во Париз, признанието од Јапонската асоцијација за современа уметност во Токио, претставувањата во Њујорк, Палермо, Верона и Фиренца, наградата на Биеналето на нациите во Венеција, „Микеланџело“, како и селекцијата во изданието „Големите мајстори на современата уметност“ во Рим.
Во име на Општина Охрид пред присутните се обрати уметникот и член на Советот на Општината Наташа Попоска Карче, која во творештвото на Манасијески ја препозна врската помеѓу Охрид, светлината и духовноста.
Според неа, зад неговата уметност постои „моќен, а тивок елемент“ во кој истовремено живеат скромноста и силата, топлината и љубовта и духовната димензија на човековото постоење. Не е случајност, рече таа, што токму во Охрид – градот на светлината и духовноста – се создава уметност која постојано погледнува кон невидливите простори.
Оваа вечер не е само уште една изложба, туку средба со еден од живите богатства на нашиот град, истакна Попоска Карче, додавајќи дека Манасијески не го слика предметното, туку „ја обликува светлината со сите нејзини бои и симболи“.
Своевидна книжевна и филозофска димензија на вечерта ѝ даде писателот, поет и дипломат Јордан Плевнеш, кој своето обраќање го наслови „Ода за Јордан Манасијески: меѓу сликата на Охрид и бескрајот на светското сликарство“.
Плевнеш го проследи творечкиот пат на Манасијески од Лихнидос – градот на светлината, до Париз, Токио, Њујорк, Фиренца, Верона и Венеција, оценувајќи дека неговата имагинација се движи „од материјалната мистерија до небеската симфонија“.
Во препознатливиот поетски стил, тој изложбата во Уранија ја нарече „чудо“, поврзувајќи го творечкиот свет на Манасијески со Микеланџело и со идејата за уметноста како трага што го надживува времето.
Јордан Манасијески е сликар на светлината на бесмртноста, рече Плевнеш на крајот од обраќањето, повикувајќи ја публиката да ја почувствува вечноста во неговите дела.
Најличниот и најемотивен момент на вечерта, сепак, дојде од самиот автор. Јордан Манасијески не говореше долго. Како што рече – она што имал да го каже, веќе го кажал преку сликите.
Јас сум ги кажал тоа во моите дела. Всушност, тие не се мои дела – тие се дела испратени, чувствувам, од светлината од небото, рече Манасијески.
Опкружен со луѓе кои со години го следат неговото творештво, тој рече дека таа вечер ги чувствува сите присутни како едно семејство и дека сака со нив да ја сподели радоста што се проткајува низ „нашите видувања и невидувања од минатото, сега и во иднината“.
За Манасијески светлината не е само ликовен елемент, туку и начин на разбирање на животот.
Не велам дека сме вечни, но душата наша е вечна… Секој ден треба да ни биде наша светлина, наша среќа, наша радост и наша благодарност, порача уметникот.
Посебен момент беше и подарувањето на најновата монографија на Манасијески на Јордан Плевнеш, со лична посвета која Плевнеш, видно возбуден, ја прочита пред публиката. Тој оцени дека Манасијески, покрај силата на сликарскиот израз, поседува и „сила на зборови“.
На отворањето требаше да присуствува и историчарот на уметност Владо Ѓорески – Рафик, кој од оправдани причини беше спречен да стигне во Охрид. Неговиот критички осврт, сепак, дава значајна дополнителна перспектива за опусот на Манасијески.
Рафик смета дека Манасијески повеќе од половина век ја позиционира македонската уметност на висока творечка и духовна позиција, а неговата ликовност ја определува како своевиден „чист светлосен екстракт“.
Тоа не е само сликарство, тоа е длабоко понирање кон сите невидливи спектри на светлината, пишува Ѓорески, додавајќи дека низ делата на Манасијески се откриваат времето, просторот, постоењето и духот на универзумот.
Манасиески не е само сликар, тој преку сликарството го открива Универзумот, вели Ѓорески, оценувајќи дека неговите дела веќе ја надминуваат уметноста сфатена само како естетски и творечки чин.
Изложбата во Уранија доаѓа по повеќе од половина век творештво на Јордан Манасијески. Минатата година, кога одбележа 55 години уметничка работа, тој беше добитник и на Признанието за трајни вредности на OhridNews за 2025 година.
А 35 години откако неговиот изложбен пат започна токму во Уранија, Манасијески повторно се врати во истиот простор. Овојпат со дела од неговиот најнов, како што беше посочено на отворањето, „небесен период“ – и со уште една средба со светлината.
Изложбата „Уште една средба со светлината“ ќе биде поставена во Куќата на Уранија – МАНУ во Охрид до 30 септември.
Фото галерија:
Г. Момироски





























































































