Полициски службеници за превенција при Регионалниот центар за гранични работи Запад во содејство со полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Охридско Езеро и претставници на Општинската организација на Црвен крст од Охрид реализираа превентивна активност во водите на Охридското Езеро.

Целта на активноста беше подигнување на јавната свест за опасностите што ги предизвикуваат екстремно високите температури, како и јакнење на безбедносната култура и информирање на граѓаните за правилното и одговорно однесување при престој на вода во текот на летната туристичка сезона. На граѓаните им беа дадени совети за заштита од топлотен удар, сончаница и дехидратација, со препорака да избегнуваат подолг престој на директно сонце во периодот кога температурите се највисоки, редовно да внесуваат течности, да користат заштитна опрема од сонце и да посветат особено внимание на безбедноста на децата, постарите лица и лицата со хронични заболувања, посочуваат.
Воедно, велат била потенцирана потребата од совесно управување со пловните објекти, почитување на правилата за пловидба, користење на сигурносна опрема и елеци за спасување, избегнување управување под дејство на алкохол, како и воздржување од ризично однесување кое може да ја загрози личната и безбедноста на другите учесници на вода.
OhridNews
фото. МВР















